Достапни линкови

Полицаец загинал во судирот со приврзаниците на Атамбаев


Полициски сили го блокираат патот кон селото Кои- Таш.

Eден полицаец загинал во судирот меѓу специјалните сили на Киргистан и приврзаниците на поранешниот претседател Алмазбек Атамбаев, кои се обидуваат да го спречат неговото апсење, откако безбедносните сили упаднаа во неговата резиденција. Атамбаев се соочува со обвиненија за корупција и злоупотреба на службена должност, но досега не се одважи на поканата за истрага.

Од болницата во главниот град Бишкек ја потврдија смртта на полицаецот. Министерството за здравство подоцна соопшти дека полицаецот починал од прострелна рана. Здравствените власти велат дека во болница биле донесени 35 повредени, меѓу кои и 14 полицајци. Дописниците на РСЕ кои се на местото на настанот известуваат дека и во текот на ноќта продолжило пукањето со огнено оружје, но сè уште не е јасно дали 62-годишниот Атамбаев е приведен.

Откако безбедносните сили извршиле рација во станбениот комплекс во селото Кои-Таш каде се наоѓа домот на поранешниот претседател, се собрале приврзаниците на Атамбаев да го бранат.

Поддржувачите на Атамбаев изјавија дека заробиле неколку специјалци, но Државниот комитет за национална безбедност го негираше тоа. Министерството за внатрешни работи соопшти дека испраќа дополнителни сили во комплексот.

Атамбаев се соочува со пет точки од обвинение за кривично злоупотреба на службената должност, додека бил претседател на Киргистан од 2011 до 2017 година - вклучувајќи корупција, злоупотреба на службената должност и незаконско збогатување. Тој ги отфрли сите обвиненија против него, велејќи дека тие се политички мотивирани.

Во мај беа направени измени на законот, со кои му се укина имунитетот на Атамбаев. Според адвокатот на Атамбаев, измените се противуставни.

XS
SM
MD
LG