Достапни линкови

Вести

Во бомбашки напад во Кабул 14 загинати и 145 повредени

По експлозијата на автомобил-бомба во Кабул.

Најмалку 14 луѓе загинале, а 145 се повредени во денешниот напад во Кабул од страна на бомбаш самоубиец кој активирал автомобил бомба пред полициската станица, соопштиавганистанското Министерство за јавно здравје. Убиени се четворица полицајци, а меѓу жртвите има деца и жени. Властите велат дека 92 од повредените се цивили.

Талибанците ја презедоа одговорноста за нападот, кој доаѓа во време на мировни преговори меѓу Соединетите Држави и талибанците, за да се стави крај на речиси дведецениската војна во земјата.

Портпарол на претседателот Ашраф Гани, на прес-конференција изјави дека со тоа што талибанците продолжуваат со нападите покажуваат дека милитантната група нема „обврска за мир“.

види ги сите денешни вести

Британија може да го одложи укинувањето на сите социјални ограничувања

Во Британија загриженост за ширење на таканаречената Делта варијанта на коронавирусот

Британскиот премиер Борис Џонсон се очекува денеска да објави дека крајот на ограничувањата на ковид-19 ќе биде одложен поради загриженост за ширење на таканаречената Делта варијанта на коронавирусот. Британија постепено ги укинува ограничувањата за пандемија според патоказот што предвидува сите социјални ограничувања да бидат укинати „не порано“ од 21 јуни. Но, како и во некои други делови на светот, варијантата Делта што силно ја погоди Индија се шири во Британија и покрај тоа што има една од највисоките стапки на вакцинација во светот.

СЗО: индиската варијанта на коронавирус - глобална загриженост

Здравствените власти велат дека варијантата Делта може да биде за 60 насто попренослива од оригиналниот вид на коронавирус, што предизвикува загриженост дека може да предизвика трет бран на инфекции и хоспитализации кај невакцинираните. Инфекциите низ поголем дел од Европа опаѓаат со поголема вакцинација, што им овозможува на земјите од регионот постепено да се отворат повторно.

Ниту еден починат од ковид-19 првпат по 10 месеци

Вакцинација против ковид-19 во Регионалниот вакцинален пункт во Битола

Нема ниту еден починат ковид-пациент во претходното деноноќие, првпат по 10 месеци, а регистрирани се и само осум новозаразени од 3068 тестирања и девет оздравени. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ова е мала победа, која влева надеж, но, апелира да се почитуваат мерките за заштита. „Вирусот е далеку од победен, но оваа мала победа ни влева надеж дека сме се поблиску до ставање крај на агонијата. Сепак, мерките мора да продолжиме да ги почитуваме, а единствен начин да го намалиме бројот на жртви е масовно да се вакцинираме, изјави вчера Филипче.

Македонските граѓани тргнати од германската „црвена листа“

Досега во земјата се направени вкупно 834.099 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.536, бројката на оздравени пациенти е 149.628, на починати е 5471, а бројот на активни случаи изнесува 437.

Официјално примопредавање на власта во Израел

Нафтали Бенет

Денеска во Израел се очекува официјалното примопредавање на власта во кабинетот на премиерот, со што се става крај на владеењето на Бенјамин Нетанјаху кој 12 години беше премиер. Израелски парламент - Кнесетот вчера ѝ даде поддршка на новата, таканаречена влада на промени, која се стави крај на долгото владеење на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Новата владејачка коалиција даде заклетва и со тоа отвори нова страница во историјата на Израел. На специјалната седница на Кнесетот, лидерот на опозицијата Јаир Лапид и лидерот на радикалната десница Нафтали Бенет кој стана нов премиер ја претставија новата 36-та влада на Израел. Таа се состои од две левичарски, две централно-десни партии, три десничарски партии и една партија на израелски Арапи, осум од 13 во Кнесет.

Се ближи крајот на владеењето на Нетанјаху

Новата влада ќе биде прва во историјата на Израел во која една израелска арапска партија има толку клучна улога. Коалицијата се потпира само врз еден глас, што укажува дека новиот политички сојуз е многу кревок, коментираат израелските медиуми. Нетанјаху, кому му се суди за корупција, останува на чело на Ликуд, на најголемата партија во парламентот и се верува дека тој силно ќе ѝ се спротивстави на новата влада.

Самит на НАТО во Брисел за поправка на односите со САД

генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг говори за стратешките предлози, познати како НАТО 2030, Брисел, мај 2021.

Лидерите на НАТО денеска го одржуваат својот прв самит со американскиот претседател Џо Бајден со цел да ги поправат трансатлантските врски, откако неговиот претходник Доналд Трамп изјави дека западниот воен сојуз е „застарен“. Бајден се очекува повторно да ја истакне американската посветеност за колективна одбрана на 30-те сојузници во НАТО откако Трамп ја доведе во прашање нејзината важност и предложи во 2018 година Вашингтон да го повлече своето членство. 30-те лидери исто така ќе се обидат да покажат дека политичките, воените, културните и економските врски на трансатлантскиот сојуз повторно се на цврсти терени по Трамп, но и откако францускиот претседател Емануел Макрон ја искажа својата фрустрација поради, како што рече, недостаток на стратешки размислување во НАТО.

Бајден во Европа: ерата на демократијата не е завршена

Лидерите на НАТО ќе ги одобрат стратешките предлози, познати како НАТО 2030, од страна на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за реформа на Алијансата. Тие вклучуваат: повеќе политички консултации во пост-студената војна, мултиполарен свет; ажуриран документ за мастер планирање и фокусирање врз новите технологии. Лидерите на НАТО ќе усвојат план за акција за климатски промени, кој ќе се обиде да ги направи воените сили неутрализирани до јаглен до 2050 година и да подготват војници за дејствување во екстремни средини. Премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук профил напиша дека во Брисел се одржува првиот Самит на НАТО на кој Северна Македонија учествува како полноправна членка.

Времето денеска: променливо облачно

Ќе биде променливо облачно и посвежо со слаб локален дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието и во источните делови засилен ветер од северен правец. Дневната температура ќе биде од 15 до 26 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 23 степени.

Македонија со пораз ја почна групната фаза на Европското првенство

Македонската фудбалска репрезентација денеска загуби со 3:1 од Австрија на дебито на европските првенства. Првиот гол за македонската репрезентација го даде Горан Пандев. Натпреварот се играше во романскиот главен град Букурешт. Во првото полувреме австријските фудбалери поведоа преку Стефан Лајнер, по што Пандев израмни за Македонија десет минути подоцна.

Во второто полувреме головите од австриската репрезентација ги дадоа Михаил Грегорич и Марко Арнаутовиќ. Ова е трета победа на Австрија над македонската репрезентација. За пласман во следната фаза потребна е најмалку една победа.

Македонската репрезентација ќе го одигра првиот натпревар на Европското првенство

Следниот натпревар на македонската репрезентација на Европското првенство е повторно во Букурешт, на 17 јуни против Украина, а последниот меч од групата Ц го игра на 21 јуни во Амстердам против Холандија.

Македонската репрезентација ќе го одигра првиот натпревар на Европското првенство

Macedonia - Macedonia's national football team.

На третиот ден од ЕВРО 2020, дебитантски настап на едно големо фудбалско натпреварување ќе има македонската репрезентација. Македонските фудбалери заедно со селекторот Игор Ангеловски денеска во 18 часот, на „Национална арена Букурешт“ во романскиот главен град ќе се „пресметаат“ со репрезентацијата на Австрија.

Тимот предводен од Горан Пандев, по трет пат ќе игра против селекцијата на Австрија од која претходно загубиле со 4-1 и 2-1. За пласман во следната фаза потребна е најмалку една победа. Шансата е токму Австрија која може да се победи оптимисти се во нашиот тим. Следни противници се Украина и Холандија.

Број на трибините на Националната арена во Букурешт ќе биде ограничен поради условите кои ги дитира пандемијата. Максималниот капацитет на стадионот во романскиот главен град е максимални 33 отсто, а според продажбата на билети, Македонија ќе ја бодрат околу 2.000 навивачи.

Премиерот Зоран Заев, министерот заа надвореши работи Бујар Османи и министерот за економија Крешник Бектеши попладнево тргнаа за Букурешт каде од трибините на наационалната арена во романскиот главен град ќе го следат првиот настап на нашата фудбалска репрезентација на Европското првенство в фудбал.

„Доаѓаме за да ги поддржиме македонските репрезентативци. Заедно сме посилни, само сплотени можеме да успееме.Напред момци, цела држава навива за вас!“, напиша Заев на Фејзбук каде објави и фотографија од аеродромот пред тргнувањето.

Балканско тениско финале во Париз, Ѓоковиќ на чекор до нов рекорд

Српската суперѕвезда Новак Ѓоковиќ ќе се обиде денеска да стане првиот човек кој во последните 52 години ги освоил сите четири Грен Слем шампиони во тенис два пати. Тој денеска ќе се соочи со неговиот грчки колега Стефанос Циципас на француското првенство. Доколку денеска победи Ѓоковиќ тој ќе се запише во спортската историја заедно со Рој Емерсон и Род Лејвер како единствени луѓе кои ги освоија овие четири големи шампионски титули повеќе од еднаш.

Светскиот рекет број 1 со денешна победа на своето салдо ќе забележи 19 победи со што ќе биде за една победа зад петите на рекордерите Рафаел Надал и Роџер Федерер кои имаат по 20 победи.

Противникот на Ѓоковиќ, Циципас има 22 година, и е 12 години помлад од српската тенисерска ѕвезда. Доколку тој победи денеска ќе стане првиот грчки тенисер кој што освоил титула.

Брнабиќ-Олабавување на мерките само со 60 отсто население вакцинирано

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека потполно ќе бидат олабавени мерките кога ќе се стигне до 60 отсто на вакцинирани против ковид-19.

„Стагнираме со бројките на вакцинирани против коронавирусот, се уште имаме само 48 отсто на вакцинирани, но се додека не ја стигнеме бројката од 60 отсто од вакцинирани нема да биде дозволено олеснување на мерките, заштоа што јас навистина се плашам дека може короната да се врати“ изјави Брнабиќ во интервју за национална телевизија.

Потребно е уште 340 илјади луѓе да се вакцинираат за да се достигне целта од 50 отсто постаро население од 18 години со примена една доза на вакцина.Кризниот штан на Србија соопшти дека целата од 50 отсто вакцинирани со една доза може да се очекува дека ќе биде исполнета до крајот на месецот по што може да се очекува и олабавување на мерките.

Нема починати од ковид-19, 8 нови случаи на заразени со коронавирус

Детската болница „Козле“ во Скопје, Ковид-19 центар

За прв пат по повеќе од девет месеци во изминатово деноноќие не е регистриран починат од последици од короновирусот. Во изминативе 24 часа се евидентирани 8 нови случаи од 3 068 направени тестови.

„ Денес за прв пат по 2 септември 2020 не бележиме ниту еден починат од Ковид. Вирусот е далеку од победен, но оваа мала победа ни влева надеж дека сме се поблиску до ставање крај на агонијата. Сепак, мерките мора да продолжиме да ги почитуваме, а еднствен начин да го намалиме бројот на жртви е масовно да се вакцинираме“ се вели во соопштението од министерството за здравство.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.536, бројката на оздравени пациенти е 149.628, на починати е 5.471, а бројот на активни случаи изнесува 437 од кои 189 во главниот град.

Втора Парада на гордоста во Скопје

Првата парада на гордоста во Скопје

Во Скопје на 26 јуни ќе се одржи втората Парада на гордоста под слоганот „Вон ѕидовите!“ во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија. Рутата на парадата, како и други организациски детали, ќе бидат дополнително соопштени во текот на идната недела. Организаторот наведува дека Парадата на гордоста е славење на слободата, различноста, прифаќањето, љубовта и испраќа порака дека место под сонцето има за секого.

„ЛГБТИ заедницата, како ретко која друга група граѓани, добро ја познава изолацијата и често искусува живот скриен меѓу ѕидовите на нашите мали, приватни простори. Имајќи предвид дека парадите на гордоста имаат за цел да ја зголемат видливоста на нашата заедница, слоганот „Вон ѕидовите!“ го посветуваме на сите ЛГБТИ+ луѓе кои гордо и достоинствено ќе се приклучат на поворката, но и на сите оние кои од различни причини не можат да бидат отворени и да бидат дел од парадата, давајќи им поддршка и ветување дека здружно ќе продолжиме да работиме на рушење на ѕидовите и креирање нов и подобар свет за сите нас. Слоганот го посветуваме и на сите луѓе во нашата земја, бидејќи изолацијата и затвореноста меѓу ѕидови е нешто што заедно го искусивме и чие надминување стана заедничка цел и желба“ наведува организаторот.

Крвав викенд во САД, 2 лица загинаа и 30 се ранети

Илустрација, ФБИ агент собира докази на од местото на пукањето

Најмалку две лица загинаа и над 30 други се ранети при одвоени вооружени напади во три сојузни американски држави. Нападите се случија во Тексас Илионоис и Џорџија во изминативе два дена.

Властите во Тексас соопштија дека уапсиле еден од осомничените за нападот додека се уште трагаат по вториот осомничен кој отвори оган на пешачка улица полна со барови и ресторани. При тој напад беа ранети 14 луѓе од кои двајца се во критична состојба.

Во Чикаго една жена беше убиена и девет лица ранети откако двајца мажи отворија оган кон група на луѓе која стоела на тротоар. Напаѓачите побегнале.
Во Савана полицијата соопшти дека еден човек е убиен и седум други ранети во вооружен напад кој се случи на 11 јуни.

За време на паднемијата минатата година во САД беа евидентирани само две масовни престрелки. Полициски службеници и социјални активисти во американските медиуми изразуваат загриженот дека поради олеснувањето на ограничувањата за движење поради намалувањето на ширењето на пандемијата може да предизвика пораст на масовни престрелки и вооружени напади.

Во ковид- центрите се лекуваат 105 пациенти, 37 од нив во Скопје

Ковид-19 амбуланта во Скопје

На болничко лекување на инфективните одделенија во земјава има вкупно 105 ковид-пациенти, од кои 37 се во Скопје, а 68 во другите градови. Поголем дел од нив се на кислородна поддршка. Има околу 530 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.

Во ковид-центрите во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 68 пациенти позитивни и сомнителни на КОВИД-19 – во Битола се хоспитализирани четворица пациенти, во Штип и во Струга по пет, Тетово и Прилеп имаат по тројца пациенти, Велес и Охрид по шест, Куманово 18, Гостивар има осум, Струмица девет, Кичево еден, а во Кавадарци и Гевгелија нема хоспитализирани.

Министерството за здравство напомнува дека бројот е променлив зашто во текот на денот се прават исписи на пациенти и дека поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.

При ракетен напад загинаа најмалку 13 луѓе во сириски град под турска контрола

При два одделни артилериски напади во Сирија загинале најмалку 13 луѓе, а десетици се ранети. Првиот напад бил во населено место, додека другиот врз болницата во сирискиот град Африн.

Сириската организација за заштита на човекови права соопшти дека во болницата која била под контрола на бунтовниците поддржани од Турција починале две жени, две деца и тројца вработени во болницата.

Оттаму соопштуваат дека вкупниот број на загинати е 18. Анкара тврди дека рекетниот напад ги извршиле сириските Курди. Во таа област има големо присуство на турска војска.

Во сириската граѓанска војна загинаа илјадици Сиријци и милиони протерани од своите домови и од земјата.

Ковид-19 зема замав во Русија

Русија денеска урива рекорди во пораст на бројот на новозаболени од ковид-19. Во изминативе 24 часа во Русија се евидентирани нови 14 723 случаи со ковид -19 од кои 7 704 се евидентирани во Москва. Ова е најголем број на дневно евидентирани случаи досега. Во изминативе 24 часа починале 357 луѓе со што бројот на починати порасна на 126 430.

Неработна недела во Москва заради намалување на ширењето на ковид-19

Вчера градоначалникот на Москва ја прогласи за неработна неделата што претстои со цел да се намали ширењето на ковид-19. Досега во Русија се вакцинирани 18 милиони Руси против ковид-19.

Се ближи крајот на владеењето на Нетанјаху

Протести пред израелското Собрание за подршка на актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот парламент денеска ќе треба да изгласа нова Влада но без Бенјамин Нетанјаху. Со овој потег денеска се става крај на 12 годишното владеење на десничарскиот лидер Нетанјаху во Израел. 71 годишниот Нетанјаху не успеа да формира Влада по изборите кои се одржаа на 23 март годинава. Тоа беа четврти по ред избори за две години.

Претседателот на Собранието Јарив Левин ги свика пратениците да гласаат по предлогот за владата, една недела откако Јари Лапид најави дека ќе прават широка коалиција со ултранационалистот Нафтали Бенет.

Според партискиот договор, Бенет ќе биде премиер, а по него на тоа столче ќе седне и Лапид. Доколку пратениците денеска го изгласаат овој предлог, министрите денеска ќе положат заклетва со што официјално ќе му се стави крајот на владеењето на Нетанјаху.

Ериксен останува во болница по колапсот

Соиграчите на Кристијан Ериксен

Данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен ќе остане во болницата во Копенхаген, бидејќи се опоравува откако вчера колабираше на фудбалскиот терен. Данскиот тим ги откажа сите планирани медиумски активности и го одложи тренингот планиран за денеска за да можат соиграчите на Ериксен да се соземат од вчерашниот здравствен инцидент на теренот.

Ериксен вчера колабираше на натпреварот меѓу Данска и Финска во 43-тата минута. Откако му се слоши, тим на брза помош неколку минути го реанимираше на теренот додека неговите соиграчи стоеа околу него заштитувајќи го него од јавноста, но и јавноста од таква глетка.

По 90 минутен прекин на играта, натпреварот продолжи со второто полувреме. Победник беше Финска со 1-0.

Г7 со инфраструктурен план за земјите во развој

Претседателката на Европската Комисија Урсула вон дер Лејен, канадскиот премиер Џастин Трудо, американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон

Лидерите на земјите од Г7 на Самитот во Британија презентираа инфраструктурен план за земјите во развој со цел да ја надминат Кина во нејзините обиди за ширење на влијание на глобално ниво. Американскиот претседател Џо Бајден ја обвини Кина за кршење на правата на малцинствата и ги повика своите колеги да застанат заедно во натпреварот против Пекинг.

Самитот во Британија беше прва средба со физичко присуство на лидерите на најмоќните седум економии во светот по речиси две години. Тие се договорија споделат од нивните вакцини против ковид-19 со земјите во развој и најавија дека ќе работат на создавање поправедна економија додека светот се справува со последиците од пандемијата.

Високи претставници на Белата Куќа на брифинг со новинарите истакнале дека Канада, Велика Британија и Франција го поддржуваат ставот на Бајден да ја предизвикаат Кина, додека Германија, Италија и ЕУ покажале поголема колебливост.

Преговорите на Иран со светските сили нема да завршат неделава

Виена, Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и иранскиот владин претставник во Меѓународната агенција за нуклеарна енергија Казем Гариб Абади

По преговорите во Виена меѓу Иран, Британија, Франција, Кина и Русија, се намалија надежите за заживување на историскиот нуклеарен договор од 2015 година со кој Техеран беше согласен да ги намали нуклеарните програми. Главниот ирански преговарач Абас Аракачи денеска изјави дека не може да се очекува никаква одлука од Иран се додека не поминат изборите во земјата на 18 јуни.

„Лично, мислам дека не можеме да постигнеме заеднички заклучок неделава во Виена“ изјави Аракачи, јавуваат државните ирански медиуми.

Рускиот претставник Михаил Улјанов изјави дека не очекува набрзо решение.

„Ни требаат уште неколку недели за да го исчистиме престојниот текст и да ги остраниме заградите во него за секундарните теми. Треба да се сконцетрираме на тоа како ќе се спроведува договорот “ изјави Улјанов.

Во Иран на 18 јуни се одржуваат претседателски избори на кои актуелниот претседател Хасан Рохани нема право на повторно да се кандидира. Рохани беше претседател на Иран два мандати и нема право на трет. Тој во 2015 година го промовираше договорот како историски. Сега се очекува на неговото столче да седне поконзервативен наследник.

Според договорот, Иран вети дека ќе ги ограничи своите нуклеарни активности во замена за олеснување на меѓународните санкции. Но, Договорот беше ставен во мирување пред три години откако тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп го повлече Вашингтон од договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор на тоа Техеран постепено почна да отстапува од договореното.

Сегашниот претседател на САД, Џо Бајден, рече дека сака да се врати на Договорот со Иран. Преговорите во Виена имаат за цел да го вратат Вашингтон во договорот и да се натера Техеран да ги почитува условите предвидени во договорот.

Временска прогноза-нестабилно време со пороен дожд

Денеска се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Попладне и до крајот на денот ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во некои делови од земјава можно е да има и пообилен дожд за кратко време, електрични празнења и услови за појава на град.

Максималната температура ќе се движи од 21 до 30 степени. УВ-индексот ќе изнесува 7. Во Скопје, облачно со сончеви периоди. Попладне и до крајот на денот ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе достигне до 27 степени.

Утре ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика пад на дневната температура. Значително затоплување се очекува од средината на следната седмица.

Ериксен стабилизиран, натпреварот меѓу Данска и Финска продолжи

Данскиот играч Кристијан Ериксен беше изнесен на носила од фудбалскиот терен

Данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен откако колабираше на натпреварот меѓу репрезентаците на Данска и Финска бил пренесен во болница и неговата здравствена состојба сега е стабилизирана. Натпреварот беше прекинат повеќе од 90 минути. Данската федерација соопшти дека тој сега е буден.

„Кристијан Ериксен е буден и минува низ дополнителни прегледи“ напиша на социјалната мрежа Твитер претставник на данската федерација.

Натпреварот на Европското првенство беше прекинат во 43-тата минута со резултат 0-0. Сега продолжува и во тек е второто полувреме. УЕФА соопшти дека по инцидентот одржале итен состанок со двата тима по што одлучиле да продолжат со натпреварот.

Играчите се вратија на терен со огромни овации. На позицијата на Ериксен во второто полувреме од фудбалскиот натпревар заигра Матијас Јенсен. На Ериксен му беше укажана итна помош на теренот околу 10 минути откако колабираше при крајот на првото полувреме. По реанимацијата на теренот беше изнесен на носила.

Лекарот од тимот на италијанскиот фудбалски клуб Интер Пјеро Волги каде што Ериксен беше играч, за новинската агенција „Асошијатед прес“ изјави дека бил во контакт со данската фудбалска репрезентација.

„ Ние сме во контакт со данската федерација, менаџерот на тимот и тимскиот лекар. Но, се уште не знаеме ништо. Слушнавме што рече УЕФА и сите сме среќни што е стабилизиран, но тоа е се што знаеме засега“ изјави Волпи.

Тој додаде дека Ериксен досега не бил заразен со ковид-19 и дека досега немал здравствени проблеми, и дека ги поминал сите медицински прегледи без проблеми откако се приклучил тимот на Интер во јануари 2020 година од тимот на англиски Тотенхем.

Ериксен е еден од најголемите дански фудбалски ѕвезди и денешниот инцидент предизвика емотивен шок на стадионот во Копенхаген каде што 15 илјади навивачи застанаа во тишина.

Прекинат натпреварот меѓу Данска и Финска, Ериксен колабираше на терен

Илустрација

Прекинат е фудбалскиот натпревар на Европското првенство меѓу репрезентациите на Данска и Финска, поради повреда на еден од фудбалерите. Фудбалерот Кристијан Ериксен во текот на играта колбираше и неколку минути службите на Брза помош го реанимираат играчот на Данска на фудбалскиот терен. 29 годишниот данскиот фудбалер Ериксен е играч на фудбалскиот италијански клуб Интер.

Натпреварот беше прекинат при истекот на првото полувреме. По неколку минути тензија, расплакана публика и загрижени соиграчи фудбалерот беше изнесен од фудбалскиот терен. Засега нема информација за здравствената состојба на Ериксен.

Бајден сам ќе одржи прес конференција по средбата со Путин во Женева

Американскиот претседател Џо Бајден

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден ќе оддржи сам прес конференција по средбата со неговиот руски колега Владимир Путин во Женева која е закажана на 16 јуни, што е уште еден показател за затегнати односи меѓу Вашингтон и Москва. Неименуван извор на Ројтерс од Белата Куќа изјави дека ваквиот начин на обраќање на јавноста по средбата е со цел полесна комуникација со медиумите за темите кои ќе бидат покренати на состанокот, за тоа за кои можеби ќе имаат заеднички став или несогласување.

Тактиката „сам за себе“ ја истакнува желбата на американската администрација да ги оспори точките од разговорите со Кремљ и при тоа избегне впечаток на јавноста за пријатни односи со рускиот лидер во ситуација кога Бајден го обвини Путин дека ја нарушува меѓународната безбедност.

Претходникот на Бајден, Доналд Трамп во Хелсинки во 2018 година се сретна со Путин и на заедничка прес конференција тогаш застана во одбрана на Русија во врска со проценките дека Москва се вмешала во американските претседателски избори во 2016 година.

Бајден денеска е во Велика Британија каде што учествува на Самитот на Г7 каде што една од темите на разговор ќе бидат и односите со Русија и Кина како и пандемијата и климатските промени. Потоа заминува во Брисел на средба со лидероте од ЕУ и НАТО.

Во ковид-центрите хоспитализирани 101 пациенти

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

На инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава вкупната се лекуваат 101 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Од министерството за здравство велат дека засега има околу 530 празни болнички кревети во ковид центрите. Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Како што информира Министерството за здрваство, во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани четири нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Четворицата пациенти биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

На инфективните одделенија во главниот град вкупно се лекуваат 36 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 7 оздравени пациенти.

Саудиска Арабија го ограничува годинашниот аџилак на 60.000 вакцинирани посетители

Властите во Саудиска Арабија соопштија дека ќе дозволат само 60 илјаци вакцинирани верници ќе може да одат на аџилак годинава. Во соопштението е посочено дека на странци нема да им е дозволено да присуствуваат на одржувањето на традиционалните обичаи кои се задолжителни барем еднаш во живитниот век за сите муслимани.

Саудиските власти денеска посочија дека настаните ќе бидат отворени за државјани и жители на кралството, но ограниченио за само 60 илјади аџии. Аџилакот ќе биде дозволен за муслимани кои се вакцинирани и немаат хронични болести, а потребно е да бидат на возраст од 18 до 65 години. Причината за ваквите ограничувања се новите варијанти на коронавирусот.

„Не сакаме овогодишниот аџилак да биде епицентар на ширење на вирусот во кралството ни во муслиманскиот свет“ изјави саудискиот министер Маџид ал-Касаби.

Аџилак со ограничен број верници во Мека поради коронавирусот

Многу земји веќе ги откажаа турите организирани од државата за аџилак во Мека. Ова ќе биде по втор пат вакво откажување поради загриженоста за ковид-19. Претходно во просек по 2 милиони муслимани ги посетуваа Мека и Медина во период од 17 до 22 јули.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG