Достапни линкови

САД „многу уверени“ дека може да создадат поморска коалиција во Персискиот Залив


Американскиот секретар за одбрана, Марк Еспер и државниот секретар Мајк Помпео со австралиската министерка за надворешни работи Мариса Пејн и австралиската министерка за одбрана Линда Рејнолдс во Сиднеј

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска изјави дека е „многу уверен“ дека САД ќе може да изградат поморска безбедносна коалиција во Персискиот Залив, но не даде детали за тоа кои држави би можеле да учествуваат.

Американскиот секретар за одбрана, Марк Еспер, изјави дека добил добар одговор од сојузниците и оти наскоро може да се очекуваат некои најави.

Помпео и Еспер го кажаа ова во Сиднеј, заедно со нивните австралиски колеги.

Австралиската министерка за одбрана Линда Рејнолдс рече дека тие сериозно го разгледуваат барањето на САД, но оти се уште не е донесена одлука.

На планот, која доаѓа во време на зголемени тензии меѓу САД и Иран, досега му се придружија неколку држави.

Германија пред неколку дена соопшти дека не сака да се приклучи на предложената поморска мисија предводена од САД во Ормускиот Теснец, но би размислила за учество во Европска поморска мисија.

Лондон минатата недела ѝ нареди на морнарицата да ги придружува британските бродови во Теснецот, откако Иран заплени британски танкер во Персискиот Залив. До тоа дојде откако Британија заплени ирански танкер кај Гибралтар, под сомнение дека ги крши европските санкции.

XS
SM
MD
LG