Достапни линкови

Власта и опозицијата ги приближија ставовите за законот за ЈО


Специјално јавно обвинителство, СЈО, лого

Претставници на власта и на опозицијата на денешните разговори за законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши идниот статус на СЈО, ги приближиле ставовите во делот на зголемувањето на Буџетот на обвинителството, како и за изнаоѓање модуси за поголема одговорност на вработените и обвинителите.

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски по средбата во Владата изјави дека со опозицијата биле отворени темите за финансирање на Обвинителството воопшто и темата за одговорноста на обвинителите.

"Тука имаме приближување на ставовите, во делот на зголемувањето на Буџетот што би го имало Обвинителството во Република Северна Македонија. Значи да го зголемиме Буџетот на Обвинителството, како би добиле поголема самостојност како орган. Разговаравме и за изнаоѓање модуси за поголема одговорност на вработените и на самите обвинители. Во овој момент имаме приближување на ставовите, мислам дека тука можеме да изнајдеме заедничко решение во Законот" рече заменик министерот Ристовски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски рече дека средбата била конструктивна и се договориле околу финансирањето на обвинителството и за поголема одговорност на обвинителите.

"За двете прашања што денеска беа отворени е постигнато приближување на ставовите. Првото е начинот на финансирање и зголемување на буџетската независност на државното Јавно обвинителство, каде што гледаме дека горе – долу имаме некои слични концепти и приближување на ставовите и второто е зголемувањето на одговорноста на самите обвинители како поединци, но исто така и на обвинителствата како структури" рече Милошоски.

За Предлог – законот за Јавно обвинителство што го предложи Владата, претседателот на Собранието Талат Џафери закажа седница на 27 август.

XS
SM
MD
LG