Достапни линкови

Рикер во Скопје на средби со претставници на власта и опозицијата


Филип Рикер

Вршителот на должност помошник државен секретар на САД за Европа и Евро-Азија, Филип Рикер, кој од вчера престојува во работна посета на Република Северна Македонија, денеска во Скопје ќе има средби со државниот врв, а ќе разговара и со претставници на опозицијата.

Предвидено е Рикер да се сретне со претседателот на државата Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и со други владини претставници. Тој ќе има средби и со пратениците од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

Според најавата од Стејт департментот и соопштението од нашето МНР, централни теми ќе бидат билатералните односи и патот на Северна Македонија кон членство во НАТО и ЕУ, а ќе бидат разменети и мислења за состојбите во регионот. Се очекува да стане збор и за новиот закон за јавното обвинителство со кој треба да се регулира идниот статус на СЈО.

Рикер придружуван од американската амбасадорка Кејт Мари Бернс вчера ги посети општините Битола и Кавадарци.

Пред посетата на Скопје, Рикер престојуваше во Атина каде што имаше средби со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, со други владини претставници, како и со поранешниот премиер Алексис Ципрас.

XS
SM
MD
LG