Достапни линкови

Владин предлог за спас или за укинување на СЈО


Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата

Лидерската средба не се одржа, а владата најави свој предлог закон со кој ќе се реши идниот статус на СЈО. Премиерот Заев и покрај несогласувањата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски очекува двотретинско мнозинство. Претседателот Пендаровски, пак, се понуди тој да биде домаќин на лидерската средба.

Лидерска средба нема, а Владата до Собранието идната недела ќе достави Предлог закон за јавно обвинителство по скратена постапка со кој ќе се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство.

По неизвесноста дали денеска ќе се сретнат партиските лидери, откако првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одби средба на која, на дневен ред, покрај СЈО, требаше да бидат и пописот и изборниот законик, премиерот Зоран Заев соопшти дека владата поднесува предлог закон.

Со него се предвидува СЈО да стане дел од Основното јавно обвинителство, поконкретно од Обвинителството за организиран криминал и корупција кое ќе се преименува во Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Него ќе го предводи обвинителката Вилма Русковска, а сите обвинители и тимот од сегашното специјално обвинителство ќе продолжат да работат во новото.

„Јас очекувам да обезбедиме двотретинско мнозинство за законот. Имам основани причини да го очекувам тоа- скоро сите барања на опозицијата во работните групи се овозможени, значи ја нема Катица Јанева, таа даде оставка и треба да се избере иднина за СЈО”, рече Заев.

Работните групи на Министерството за правда и опозицијата работеа четири месеци, но не се стигна до заедничко решение. Сега ова прашање требаше да биде една од темите на лидерската средба, но Мицкоски инсистираше да се разговара само за предвремените избори.

Не би сакал да ја поткопувам иницијативата на премиерот за лидерска средба за важни прашања, вели македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во интервју за Радио Слободна Европа, кое в целост ќе го емитуваме в недела,но тој додава дека, сепак, смета оти вистинското место за лидерска средба е кај претседателот на државата.

„Сакам да бидам искрен. Мислам дека за неколку битни прашања, како што е на пример идната позиционираност на СЈО во нашиот правосуден систем или пописот кој, за жал, почна да се политизира, иако законот се уште не е донесен и неколку други слични битни работи, мислам дека вистинското место за средби е кај претседателот на државата”, вели Пендаровски.

Заев, пак, вели дека со претседателот Пендаровски не разговарале на тема лидерска средба, но дека таа е прифатлива за него на кое било место.

„Не мора да биде лидерската средба повикана од премиерот, тоа може да биде секако, и со право, повикана и од шефот на државата, можеби таму ни е местото, ако е полесно така, секако за мене е прифатливо. За секое прашање кое е од стратешки интерес за државата лидерите треба да седнат и да градат став. Ние можеме да бидеме различни колку сакаме , но треба да изградиме заеднички став, сите земји тоа го прават. Да градиме заедно исполнување на интересите за граѓаните и за државата. Стојам на располагање ако се одзват другите лидери, јас ќе бидам прв што тоа ќе го прифати”, рече Заев.

Инаку со владиниот предлог закон со кој се решава иднината на СЈО сите случаи кои се пред судовите и за кои ова обвинителство е надлежно согласно законите, ќе ги застапува новото обвинителство. Mатеријалите од прислушуваните разговори, пак, освен оние кои се веќе дел од судските процеси, премиерот рече дека се предвидува да бидат уништени.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG