Достапни линкови

Трамп обвинет за ксенофобија и расизам по пораката до неколку демократски конгресменки


Претседателот на САД, Доналд Трамп, преку објава на Твитер, на некои демократски пратенички во Конгресот им рече дека „можат да се вратат од каде што дошле“, со што предизвика остри критики од демократите кои го означија како расист и ксенофоб, објавија светските новински агенции и американските медиуми.

„Многу е интересно да се видат овие ‘напредни’ демократки во Конгресот кои потекнуваат од земји чии влади се целосна и тотална катастрофа, влади кои се најлоши, со најмногу корупција и најнеспособни на светот. Тие сега јасно и гласно, и на перфиден начин им кажуваат на луѓето во САД, најголемата и најмоќна нација на планетата Земја, како треба да се води влада. Зошто не се вратат таму од каде што дошле за да помогнат да се поправат тие целосно пропаднати места обземени со криминал“, напиша Трамп на Твитер, не наведувајќи на кои пратенички им се обраќа и без да каже за кои земји станува збор.

Дел од американските медиуми објавија дека Трамп алудирал на пратеничките Александрија Окасио-Кортез од Њујорк, Илхан Омар од Минесота и Рашида Тлаиб од Мичиген.

Трамп изјави дека „овие личности дошле за да им покажат на Американците што да прават“ и дека претседателката на демократите Ненси Пелоси, најверојатно, би можела да им обезбеди бесплатни билети за да се вратат во своите земји по потекло.

Ненси Пелоси ги отфрли овие изјави и ги оцени како ксенофобични и дека имаат за цел да ја поделат нацијата. И демократот Бен Реј Лаџан рече дека „пораката на Трамп е расистичка“ и додаде дека демократските пратенички се американски државјанки избрани од американскиот народ.

Александрија Окасио-Кортез е по потекло од Порторико, Илхан Омар е дојдена во САД како бегалка од Сомалија, додека Рашид Тлаиб е првата Американка со палестинско потекло која влегла во Конгресот.

XS
SM
MD
LG