Достапни линкови

Реакција на Владата по објавените нови „бомби“ за местење тендери


Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

Владата објави реакција во врска со објавена аудио снимка од страна на портали во земјава, кои наведуваат дека во разговор меѓу државни функционери, еден од нив е генералниот секретар на Владата Драги Рашковски и дека со снимката треба да биде докажано местење на тендер финансиран од Европската банка за реконструкција и развој (ЕБОР). Во објавите се вели дека станува збор тендер за набавка на радарски систем

Од Владата велат дека објавениот аудио запис е снимен на официјален состанок на владини претставници и претставници на компанијата „Леонардо“ од Италија, а оти тендерот и изборот на најповолен понудувач се направени во 2016 година, односно дека целата процедура „е во согласност со правилата за набавка на ЕБОР и еваулацијата направена од независни евалуатори.

„Согласно правилата на ЕБОР, по завршување на евалуацијата, МНАВ е должна да испрати Letter of award (Писмена потврда за избор на најповолен понудивач) која скоро две години претставникот на МНАВ не сакал да ја потпише. Неколку веб портали се обидуваат на погрешен начин да претстават дека терминот "Letter of award" значел награда, а значењето на тој термин во професионалната комуникација претставува писмо за известување, и ништо поразлично“, се вели во реакцијата на Владата.

Од Владата додаваат дека согласно законите таа е должна да се грижи за безбедноста на воздушниот простор и затоа било побарано да се одржи состанок со претставниците на италијанската компанија, со цел, како што велат, да се констатира дека долг период не се постапувало согласно процедурите и дека со тоа се загрозувала безбедноста на граѓаните во рамки на воздушниот сообраќај.

„Во снимениот разговор кој не е објавен во целост со цел да се манипулира јавноста, во ниту еден момент не се зборува за ниту една активност надвор од тендерската постапка, туку за тоа како граѓаните да добијат побезбедно небо“, велат од Владата.

Во врска со објавата, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека бараат оставка од Драги Рашковски и итно спроведување на истрага од страна на обвинителството. Оттаму велат дека треба веднаш да се делува со оглед дека Рашковски е вршител на должноста Генерален секретар во Владата „и се уште може влијае на заташкување на случајот, доказите и сведоците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG