Достапни линкови

Пред полноќ избрани петмина нови министри


Со 65 гласа „за“ и 25 „против“ поминаа во Собранието предлозите за изборот на петмина нови министри во Владата. За нови министри се избрани Трајан Димковски за прв човек на земјоделство, Горан Милевски за министер за локална самоуправа, Хусни Исмаили за министер за култура, Насер Нуредини за министер за животна средина и Садула Дураки за новото министерство за политички систем, но веднаш по експозето почнаа препукувањата меѓу власта и опозицијата. Позицијата министер за финансии останува празна, откако премиерот Зоран Заев вчера ја повлече кандидатурата, но ќе раководи со ресорот до избор на нов министер. По гласањето следуваше свечената изјава на новоименуваните министри.

Дводневната дебата за владината реконструкција во Парламентот помина во жестока дебата од обвинувања за криминал, до негодување околу тоа дали е реконструкцијата козметичка или суштинска.Опозицијата најжестоко се спротивставуваше на смената на министерот за финансии Драган Тевдовски за кој како што изјави министерот Антонијо Милошоскија изгубил внатревладина битка со вицепремиерот Кочо Анѓушев.Опозицијата обвини дека реформите се неспроведени, состојбата во економијата е влошена и дека таканаречената метла се претворила во „прашко“.

Пратениците од партиите на власт, пак, сметаат дека реконструкцијата е резултат токму на тоа што власта ги слуша граѓаните и оти новите предложени министри ќе продолжат да спроведуваат политики со кои земјата ќе продолжи да се движи напред.

Пратениците околу полноќ отворија расправа и за законот за поврат на ддв кај граѓаните кој денеска за само половина час помина во две комисии по скратена постапка, по што со 10 минутна расправа беше донесен со 65 гласа „за“ без ниту еден против или воздржан. Со донесување на овој закон 1-ви јули ќе треба да стартува новата владина мерка.

XS
SM
MD
LG