Достапни линкови

Продолжи собраниската седница за владината реконструкција


Скопје-Премиерот Зоран Заев на пленарна седница во Парламент најави дека ќе го повлече предлогот да биде министер за финансии ,26.06.2019

Во собранието вечерва продолжи седницата на која на дневен ред е реконструкцијата на владата. Претходно претседателот на парламентот даде пауза до 19.30 часот. Попладневниот дел од седницата беше исполнет со низа реплики и контрареплики од пратениците од власта и опозицијата кои се расправаа и за економските политики на Владата, а се осврнаа и на Договорот од Преспа и добивањето датум за преговори со Европската унија.

Во репликите на пратениците од опозицијата кои ја критикуваа Владата за нејзините економски политики кои според нив не даваат резултати, премиерот Зоран Заев најави во следниот период замрзнување на придонесите за сите работници, покачување на пензиите и нови значителни зголемувања на платите во здравството. Според него, достижна е и просечна плата од 500 евра.

“Голем дел од граѓаните земаат 20.000 денари нето плата и уште 6.000 или 9.000 денари добиваат во кеш. Зошто го прават тоа газдите? За да не платат придонеси. И тие си плаќаат персонален данок, си плаќаат данок на добивка и даваат кеш во плата на работниците. Во таков случај, ќе преземам чекор, ќе ги супституирам придонесите, 90 проценти, само во еден случај, да биде стабилизиран пензискиот фонд”, рече Заев.

На обвинувањата на опозицијата дека економските политики не даваат резултати и оти задолженоста е голема, а нема и странски инвестиции, премиерот Заев посочи дека странските инвестиции се најголеми во Европа споредено со БДП на земјата, просечната плата е зголемена, решени се проблемите со субвенциите во земјоделството од минатото, решен е откупот на земјоделските производи, има раст на земјоделското производство.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека јавноста била како што рекоа замајувана со “метлатa”, а всушност се случила само рокада од едно министерство во друго, дека нема никаков економски напредок и дека владата се фали со инвестиции кои ги договорила претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

“Парадоксот да биде најголем во годината на економијата прогласена од оваа Влада ние го менуваме министерот за финасии, Тевдовски. Очекувавме да слушнеме како блеска економијата, а не и зошто е денес сменет Тевдовски”, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

XS
SM
MD
LG