Достапни линкови

Омбудсманот нотира задржувања малолетници во Прифатниот центар за странци во Гази Баба


Архивска фотографија: Мигранти (бегалци) на Железничката станица Табановце во Македонија на граничниот премин со Србија во 2015

Во Македонија и натаму се спроведуваат колективни депортации на бегалци, без притоа да бидат почитувани официјални процедури. Тоа што особено загрижува е фактот што и покрај укажувањата на Народниот правобранител да не се задржуваат малолетни лица во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, сепак биле нотирани случаи на задржување малолетни лица, без притоа да бидат употребени други посоодветни алтернативи на задржување, соопштува Народниот правобранител.

По повод Меѓународниот ден на бегалците, омбудсманот изразува загриженост што и во текот на изминатата 2018 година сè уште продолжуваат да се провлекуваат истите проблеми што беа нотирани изминатите години.

Народниот правобранител констатира дека во текот на 2018 година, ниту едно лице барател на азил се нема стекнато со статус на признаен бегалец, а евидентен е и проблемот со реализацијата на планот и програмата за интеграција на бегалци во земјава.

Во 2018-та година, вкупно 70,8 милиони луѓе се присилно раселени низ светот поради војна, прогони и судири во своите земји. Од вкупниот број бегалци низ светот, дури две третини се со потекло од Сирија, Авганистан, Јужен Судан, Мјанмар и Сомалија, се наведува во соопштението од Народниот правобранител.

XS
SM
MD
LG