Достапни линкови

Средношколци од Охрид почнаа пракса во странски компании


Средношколци од електро- машинскиот центар „Св. Наум Охридски“ од Охрид почнаа практична настава во компаниите „Костал“, „ЛТХ – Леарница“ и „ОДВ – Електрик“, како дел од проектот за дуално образование. Учениците ќе посетуваат практична настава две, односно три недели, а се опфатени ученици од втора, трета и четврта година.

Системот на дуално образование е еден вид јавно- приватно партнерство меѓу стручните училишта и компаниите, а е координирано од Делегацијата на германското стопанство во Македонија. Дуалното образование е образовен систем што претставува комбинација на теоретска настава што се реализира во училишните клупи со практична обука во компаниите. Целта на дуалното образование е обезбедување квалификуван кадар за потребите на компаниите, а за учениците можност за вработување веднаш по завршувањето на образованието, со добиен сертификат од Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

Инаку, во ОЕМУЦ„ Св.Наум Охридски“ во тек се уписите за прва година, каде се уште има слободни места. Покрај досегашните струки и профили, од наредната учебна година учениците ќе можат да се едуцираат и како „Техничар за производно машинство“ исто така во рамки на системот на дуално образование. Феријалната и редовната практична настава за учениците од овој профил ќе се изведува во „Костал“ и „ЛТХ – Леарница“.

XS
SM
MD
LG