Достапни линкови

Македонија играше според правила, на ред е ЕУ


Министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка Мирослав Лајчак во Скопје на прес конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров
Министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка Мирослав Лајчак во Скопје на прес конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров

Ние сторивме многу, сега товарот е на страната на ЕУ, рече министерот Никола Димитров по средбата со својот колега од Словачка, Мирослав Лајчак. Ниту една членка на ЕУ не била против доделување датум, но одлуката е одложена поради технички причина, вели Лајчак.

Ако не добиеме датум до октомври, тоа ќе биде точка на нашата ЕУ перспективата, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров на заедничката прес конференција со министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка и актуелен претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Мирослав Лајчак кој е во посета на Скопје.

Лајчак - Ниедна членка на ЕУ не рече „НЕ“ за Северна Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:14 0:00

Димитров вели дека нашата земја сторила многу и дома и во поглед на решавање тешки прашања во последните две години и дека сега ни претстои огромна шанса.

„Успехот на Северна Македонија ќе биде важен сигнал за целиот регион, дека европската врата е отворена и европската визија за Западен Балкан постои, доколку такво нешто не се случи, тогаш тоа ќе биде точка на таа перспектива и мислам дека товарот во следните неколку месеци, се разбира ние ќе продолжиме да си работиме дома, тука е иднината на СЈО, е на земјите членки“, рече Димитров.

Лајчак вели дека земјава направила многу и дека сега на ред е ЕУ да го стори ветеното. Како министер за надворешни работи вели дека бил на состанокот на Советот на ЕУ во Луксембург и дека немало земја членка на ЕУ што се противи на тоа Северна Македонија да добие датум, но дека имало такви кои се противеле за Албанија.

„И кога нашите партнери играат според правилата и ние треба да ги почитуваме нашите правила. Таков е случајот и со Северна Македонија. Доколку не се случи нешто негативно и неочекувано до октомври, јас очекуваме поканата да биде испорачана во октомври“, рече тој.

Словачкиот министер вели дека нема причина да бидеме разочарани.

„Одлуката била одложена од технички причини, но имаше доста позитивна енергија во просторијата и многу земји рекоа многу убави работи за вашата земја и имаше генерална согласност дека Северна Македонија заслужува да биде поканета да започне преговори. Јас искрено се надевам и очекувам дека ова одлука ќе стане реалност до октомври, или пред крајот на октомври, а во меѓувреме ве охрабрувам да продолжите до добрата работа во спроведувањето на реформите“, вели Лајчак.

Димитров вели дека е многу важно ЕУ да покаже дека е сериозна за европската перспектива на овој регион, кој е опкружен со земји членки, па затоа, како што вели, тој повеќе го претпочитува терминот комплетирање, отколку проширување, оти кога се зборува за проширување се мисли на географско зголемување на територија, а со комплетирање ЕУ ќе стане поцврста, ќе се консолидира, вели тој. Министерот вели дека целта е преговорите да почнат во декември годинава и дека земјата е подготвена.

„Сакавме тоа да се случи пред одморите, оти секое одложување носи непредвидливости, но од наша страна нема да бидеме понеспремни и во септември и во октомври. Ние ќе бидеме предвидливи, ќе си работиме дома и на иднината на СЈО, тоа е важна работа за македонското општество и важна е агендата за владеење на правото и одговорност за некои земји членки. Ќе бидеме во една ситуација во септември, октомври во која ќе биде многу тешко да се каже – „НЕ“. Беше тешко и сега. Конечно се работи за почеток на нашиот пат, ние не сме спремни денеска или утре да станеме членка, но сме апсолутно спремни на рамен терен да се натпреваруваме кој ќе биде поуспешен во реформите од нашите пријатели од Подгорица и Белград“, рече Димитров.

Доколку земјата не добие датум, тоа ќе се одрази на кредибилитетот на ЕУ, вели Димитров, и ако Унијата не го испочитува ветеното тука, тогаш ќе биде тешко да и се верува на ЕУ дека тоа може да го стори и на друго место.

Лајчак вели дека има земји членки кои не се за проширување на Унијата и повеќе се за внатрешна консолидација, но дека се свесни за својата улога во регионот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG