Достапни линкови

Младите со предрасуди, недоверба и силна желба за миграција


Студија за млади на Северна Македонија 2018/19, Фондација Фридрих Еберт

„За жал, кај младите во Македонија се уште постои желбата за миграција и напуштање на земјата, во потрага на подобар животен стандард, недовербата во институциите и политичките партии е се уште на високо ниво и предрасудите кон различностите се и понатаму длабоко вкоренети во ставовите; загрижувачки резултати кои укажуваат на низа постоечки предизвици со кои треба да се справат креаторите на политики и носителите на одлуки, но и самите млади, со цел да се влијае на овие негативни трендови“.

Ова е дел од воведниот дел од Студијата за млади во Северна Македонија 2018/2019, спроведена од Фондацијата Фридрих Еберт. Во неа се опфатени млади на возраст од 14 до 29 години и, како што стои во студијата, „моментално ја сочинуваат две генерациски групи, во светот познати како генерација Y (родени помеѓу 1981 и 2000 година) и генерација Z (родени после 2000 година).

Студија за млади на Северна Македонија 2018/19, Фондација Фридрих Еберт
Студија за млади на Северна Македонија 2018/19, Фондација Фридрих Еберт

Според студијата, интересот за политика меѓу младите и разговарањето за политички теми е опаднат, односно двојно е помал во споредба со претходната студија, која беше објавена во 2013 година.

„Само 20,9% од младите сметаат дека нивните интереси се добро или многу добро претставени во националната политика. И покрај ова, 84% од младите одговориле дека би гласале на избори, што е највисок процент од сите земји опфатени со студијата“, се вели во студијата.

Дополнително, младите во Македонија изразуваат левичарски ставови, односно во голема мера прифаќаат поголема улога на државата во економијата. Додека, во однос за оправданоста на абортусот и хомосексуалноста, младите се исклучително конзервативни, односно имаат десна ориентација.

Младите сметаат дека нивното општество е обременето со многубројни проблеми и изразуваат умерен оптимизам кога станува збор за очекувањата за развојот на економската состојба во следните 10 години“, стои во студијата.

Од Фондацијата препорачуваат едукација за различните категории граѓани и нивните потреби, со цел да постои поголема сензитивност и успешно заштитување на маргинализираните заедници.

„Потребно е да се вклучат младите во процесите на донесување одлуки, особено на локално ниво и за теми кои се од нивни интерес, преку зајакнување на постоечките институционални можности за партиципација на младите во политиката, особено преку употреба на современите медиуми и информатичко-технолошките алатки“, велат од Фондацијата додавајќи и дека Владата треба да ги поддржи активностите помеѓу институционалните платформи, со цел да ги информира младите луѓе, како и да ги мотивира да се ангажираат.

Иднината е во нивни раце и тие треба да поседуваат потенцијал за промена и подобрување на демократијата и економијата во земјата“, истакнуваат од Фондацијата.

XS
SM
MD
LG