Достапни линкови

„Оваа зграда зборува (на)вистина“ со „Златна трига“ на Прашкото квадриенале


„Оваа зграда зборува (на)вистина“, павилјонот на Република Северна Македонија, чиј автор е Филип Јовановски, куратор - Ивана Васева, а комесар Фросина Зафировска, е добитник на главната награда „Златна трига“ на актуелното Прашко квадриенале за перформанс дизајн и простор.

„Оваа изложба е повеќеслојна заедничка работа која ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација. Тоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст. Златната Трига оди кај Република Северна Македонија ".

Ова ќе биде забележано во образложението на жирито кое на Павилјонот на Република Северна Македонија насловен „Оваа зграда зборува (на)вистина“, во конкуренција од 79 други земји од светот, му ја додели главната награда „Златна Трига“ за најдобра изложба и претставување на оваа престижна манифестација.

Станува збор за дело чиј автор е уметникот Филип Јовановски, куратор - Ивана Васева, а комесар Фросина Зафировска, директорка на Музеј на град Скопје инаку институцијата носител на проектот.

Филип Јовановски не многу по врачувањето на наградата ќе забележи дека „за него е важно е дека оваа уметничка пракса која веќе подолго време ја практикуваат, пракса на вклучување на локални заедници, истражување, користење на уметност како алатка за застапување, борба за јавните простори, за јавното добро, која што ја работат долго во локален контекст, сега е препознаена и интернационално.“

Искрено не верував дека проект со неспордливо помал буџет од некои останати земји, дека ќе ја добие главната награда. Тоа ме прави среќен. Зградата во нашиот проект/инсталација е само една сцена , основа на која се одигрува историјата, зградата е само пример каде во еден тајмлајн од 70 години може да видиме распагање на една идеја за утопија, за социјално живеење за колектив и заедница.

Нашиот проект има за цел да ја освести идејата за заедницата за колективот како што биле замислени уште во раната модерна и одново да ја изгради и надгради таа идеја.

И искрено се надевам дека оваа награда само ќе ги убрза веќе започнатите соработки со надлежните и во најскоро време ќе се започне со нејзина реконструкција, вели Јовановски.

ЈОвановски, Васева и Леловац

Ивана Васева, куратор на проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“, ќе рече дека како тим тие се пресреќни од добивањето на главната награда „Златна трига“. Истакнува дека тоа за нив било сосема неочекувано.

Пресреќна сум дека жирито ја препозна не само кураторската туку и уметничката и перформативната вредност на нашиот павилјон насловен „Оваа зграда зборува (на)вистина“ и ни ја додели наградата за целосен концепт или за најдобра изложба.

Би сакала во ова прилика да ја посочам вредноста на заедничкото и заедништвото кое треба да се гради кај нас а не да се разградува и уништува и дека малите чекори ако се здружени ќе направат големи промени! Токму оваа, Железничка зграда, симбол на тенката линија помеѓу јавното, приватното и заедничкото и нивната жестока конфронтација за јавниот простор, како и можноста за заедничкото во процесот на зачувувањето, но и надградувањето на еманципаторскиот потенцијал од минатото, е предмет на овој кураторски и уметнички долготраен, истражувачки и интердисциплинарен проект.

Преку неа, во нашиот проект се адресира уништувањето на поимот на заедничкото и јавното преку покренување на концептот за заедничко живеење или заедничко управување, кое во глобалниот капитализам доведе до цутење на негрижата и неодговорноста. Односно, преку воведувањето на различни идеи и концепти за колективно, одговорно и совесно заедничко живеење, во контекст на глобалните случувања како уништувањето и девалвирањето на природните ресурси и човековите права, овој проект претставува обид за спротивставување и промена на капиталистичките принципи на обликување на просторното и заедничкото живеење и делување, смета Васева.

Таа и со верба дека ќе се забрзаат веќе започнатите разговори со градоначалниците на општина Центар и град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов кон реновирање Железничката зграда во Скопје, која е во основата на проектот со кој победија на Прашкото квадриенале и ќе се опреми киното да стане навистина заеднички простор. Згора и со повик до станарите на Железничка зграда да се грижат повеќе за неа и да станат пример и за останатите станари на другите згради и за нивниот град и јавен простор.

Актерката Кристина Леловац, пак, со чиј перформативен настап во петокот на 7 јуни во 13 часот, во Индустриската палата во Прага беше отворен Павилјонот на Република Северна Македонија, појаснува дека работата на перформанс за Железничката зграда во Скопје била драгоцена прилика за нив неколкумината актери да се позанимаваат со професијата на начин кој кај нас е толку редок, што речиси и не постои. Да не играат, туку да претставуваат. Да не раскажуваат, туку да застапуваат. Да поддржат една заедница, така што ќе станат дел од неа.

Таа и со констатација дека „кондензирањето“ на перформансот „Кога зградите би зборувале“ за изведба во мал простор (5х5 метра) и пред публика која никогаш не чула за Железничката зграда во Скопје, а можеби ни за Скопје, било само по себе возбудлив предизвик.

Интересот, вниманието и реакциите што ги добиваме тука во текот и по секоја изведба на оваа варијанта на перформансот во павилјонот, сепак покажаа дека темите и прашањата кои ги отворивме со овој процес - важноста од постоење на јавен простор, политичката моќ на заедниците, зачувувањето на колективната меморија, резонираат далеку пошироко од нашиот локален контекст. Искуството е инспирација да продолжиме да го развиваме овој процес и да изнаоѓаме начини наскоро да го “провериме” и во други контексти, вели Леловац.

Официјалнот отворање на македонскиот павилјон

Биљана Тануровска Ќулавковски, соработник во разните делови од процесите на овој повеќеслоен проект и неговото теориско артикулирање, згора на тоа и учесник на неговото официјално отворање на Прашкото квадриенале, смета дека ова е убав успех за македонската култура и воопшто за земјата.

Горда сум што и јас сум дел од тој тим и на ваков начин да се прикаже нешто што за нас е специфично и како поединец и како Локомотива и Кино Култура, нешто што со нашите соработници долго го работиме на развојот на простори кадешто се развиваат заедници. Не само заедници на уметници туку и пошироки заедници на граѓани. Заедници коишто ги менуваат просторите преку културата и уметноста, констатира Тануровска Ќулавковски.

Кон ова само уште информациите дека интернационалното жири гласало во широк спектар на категории, вклучувајќи изложбено искуство, најветувачки студент талент, најдобар кураторски концепт или награда за животно дело...и вкупно доделило 28 награди. За нив одлучувале авторитети во уметноста како Дорита Хана, Тим Фостер, Џим Клејбург, Лиу Ксинглин, Софија Пантуваки, Роберт Капловиц, Јарон Абулафија, Содја Лоткер, Омар Рајех, Моника Раја и Кејт Бејли. Наградата ја дизајнирал архитект Петр Бакош, а според статутот на Прашкото квадриенале наградите ги доделува Министерот за култура на Чешката Република по препорака на меѓународното жири, со исклучок на наградата на млад уметник или уметници, која директно ја доделува публиката.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG