Достапни линкови

ИТ областа најмногу ја брише границата меѓу машка и женска професија


Мајскрософт за Македонија, организира средби со средношколки на кои успешни жени во ИТ бизнис сферата зборуваат за своето искуство. Разноликоста во ИТ областа е основа за напредни резултати, велат професори.

Образование и професија во областа на информатичката технологија е тенденција кон која сè повеќе се стремат и средношколките. На тој начин во оваа професија се брише условната граница на машка или женска струка, вели Љупчо Георгиев, раководител на Мајскрософт за Македонија, компанија која организира соодветни активности со цел да се поттикнуваат девојките и жените да размислуваат за образование во информатичката технологија и да се занимаваат со кодирање, програмирање и слично.

„Во денешно време кога новите технологии сè повеќе и повеќе навлегуваат во порите и таа дигитална трансформација е дел од иднината, сакаме на младата популација, пред сè женска да им помогнеме да можат да направат вистински избор кој ќе бидат нивните следни чекори во иднината и да можат многу побргу да се инволвираат и да бидат дел од таа дигитална трансформација. Со сите овие настани и предавачи сакаме да им покажеме дека женската популација е подеднаква со машката и дека огромни резултати може да се постигнат и од нивна страна и нивно инволвирање во технологијата и иднината“, вели Георгиев.

На Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово сметаат дека веќе е надмината поделбата на машки и женски професии како и дека разноликоста во ИТ областа е основа за напредни резултати.

„Ние како универзитет сме многу среќни што сè повеќе имаме студенти, студентки, девојчиња кои се одлучуваат за кариера во технологија и, според мене, тоа што е главно важно е да има разноликост. Да има девојчиња во технолошките области затоа што кога има женска сила во тимот секој тим е покреативен, поиновативен, ние сме поенергични и даваме една додадена вредност. Исто така сметам дека треба да има повеќе машки во јазичните науки. Според мене, тоа што нас не одвојува од сите е тоа што инсистираме на разноликост во секоја смисла на зборот“, рече Вероника Карева, професор на Универзитетот.

Успешни жени во ИТ бизнис сферата се мотивациските говорници кои своето искуството го презентираат на редовните средби кои Мајкрософт ги организира со средношколките.

XS
SM
MD
LG