Достапни линкови

Ристевска-Петрушева: Нашето општество е сексистичко


Работена по текстови од Бол и Страшимиров, со дополни на Момева и документарни материјали, режисерката Софија Ристевска-Петрушева неодамна во театарот „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ во Велес ја постави „Свадбата“, претстава за комплексноста на човечките животи исправени пред нови предизвици.

По нешто повеќе од две години од „Старицата од Калкута“, режисерката Софија Ристевска-Петрушева со нов проект се врати во НУЦК „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ во Велес. Овојпат во „Свадбата, таа доследна на својот веќе препознатлив творечки ракопис посегна по текстови на американскиот автор Алан Бол и Бугаринот Антон Страшимиров, дополнети со писанија од драматургот Катерина Момева и кон документарни материјали на глумците од проектот Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Весна Димитрова Бобевски и Славица Манаскова.

„„Свадбата“ е претстава за комплексноста на човечките животи кои што константно се поставени пред нови, непредвидливи предизвици. Свадбата на која што присуствуваат нашите четири ликови е централна точка, главен мотив, за откривањето на многу бизарни и неочекувани меѓучовечки врски. На површина доаѓаат многубројните трауми од минатото кои што го определуваат општествено социјалниот контекст на ликовите. Во овој век на либерален капитализам, каде што финансиите масовно го определуваат нашето секојдневие, човечките животи и индивидуалните приказни се најважното средство за борба против суровата и неповратна глобализација. Свадбата е ринг на бескрајните човечки страсти“, вели Софија Ристевска-Петрушева.

Таа со дополна дека претставата всушност е лавина од жанрови каде обединувачки е пристапот. Истакнува дека во првиот дел има по малку нетрадиционален театарски пристап – целото дејство се случува во простории блиску до сцената. Глумците играат и нивната игра се пренесува во реално време на поставените екрани и публиката е во позиција како да присутвува на реално шоу. Потем, како што вели, следува вториот дел работен по текстот на Страшимиров кој е гротескен и на комичен начин ги разработува семејните врски, кои „нели на Балканот се многу силно потенцирани, особено односите свекрва – снаа – син“, за на крајот актерите да понудат стории од сопствениот живот, односно мешавина на различни погледи за темата – свадба, брак.

„Овде се случува мешање на медиуми, мешање на жанрови за да го добиеме, пак ќе кажам, тој еден феминистички поглед врз жената денес. Колку е таа „задолжена“ да има семејство. Колку не притиска системот да бидеме ставени во некакви рамки. Да направиме свадба. Да ја овековечиме својата љубов. Да имаме семејство...и понатаму колку е тоа добро или лошо за нас. На некое повисоко ниво таа е темата што ја коментираме. Повторно ставање на жената во општествените рамки во кои ние живееме.“

Ристевска-Петрушева појаснува дека говорејќи за овој тип на односи во регионот таа прави и една дистанца. Особено во вториот дел од „Свадбата“ каде драматургијата е за нијасна побитова, полинеарна и поставила една голема иронија затоа што, како што ќе рече, „идејата е дека секој треба да решава што ќе направи во својот живот и не треба да се потчинува на правила коишто за жал се општо прифатени кај нас“.

-„Јас живеам во брак, но мислам дека секој индивидуално треба да решава за себе. Претставата е коментар на нашето општествено-социјално живеење и на функцијата на жената во нашето општество којашто сеуште е доста патријархална, второстепена би рекла. Затоа идејата на претставата е да им даде сила на жените, посебно на младите жени, да се охрабрат да ги направат своите избори колку различни и индивидуални да се тие“, смета режисерката.

Таа вели дека „тие како уметници, како артисти...можат да го потенцираат и да го нагласат проблемот, но за да се реши тој општеството треба да е демократски зрело“.

„Нашето општество се уште е, за жал, сексистичко општество и не е спремно жената да биде на рамна нога со мажот барем во овие високи постови – директорски, пратенички ...важни постови за политичкиот и општествен живот на нашата држава. Нормално дека можат работите да се променат но за тоа треба голема заложба и менталитетот на целата популација што живее на овие наши простори да се работи да се смени. Тоа според мене е работа за којашто нашето општество мислам дека сеуште не е спремно. За жал“, вели Софија.

Згора на ова истакнува дека вредни се напорите за промена на ваквата реалност како на пример фестивалот „Прво, па женско“ или иницијативата „Пич-прич“... кои треба да му покажан на општеството дека жената е важна, е моќна и способна да биде инволвирана во највисоките кругови за решавање на судбината на оваа држава. Сепак, таа наново ќе рече дека состојбата нималку не е розова, напротив и дека тоа посебно е очебијно во помалите средини. Но, не заборава да спомне и тоа дека тоа не значи да се кренат раце, туку дека треба двојно повеќе да се работи и дека треба посилна едукација.

„Сите ние, еве јас посебно како уметничка и донекаде како едукатор затоа што во „Интимен театар“ имам една мала театарска школа за глума, секогаш зборуваме, се обидуваме и работиме уште од мали женските деца да ги учиме дека само небото е лимит. Дека она што ќе посакаат можат да го исполнат. Тоа е она – да и дадеме сила на жената. Мене секогаш тоа ми била првата агенда и продолжува да ми биде и понатаму.“

фото: Небојша Гелевски

Конечно Ристевска-Петрушева и со информација дека веќе подолго време работи на еден поголем проект во својот „Интимен театар“. Вели дека тој, за жал, се уште не може да и биде претставен на публиката затоа што недостигаат средства за неговата финализација. Дека годинава не добиле никаква финансиска поддршка од државата, но оти се надеваат на симболична помош од општина Битола.

„Тоа е една претстава со жени болни од рак на дојка. Мојата сестра е психијатар и води група за поддршка каде што доаѓаат жени болни од рак на дојка или кои ја поминале болеста. Со шест жени од таа група правам претстава. За лимитите што ги среќаваат во ова општество со својата болест, за опасностите ... Тоа е тој проект што треба да излезе на виделина само треба да видиме кога ќе се случи тоа. Мислам дека е многу важен затоа што станува збор за вистински жени. Тие говорат и играат во претставата. Ете тоа ми е многу важно“, заклучува Софија Ристевска-Петрушева.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG