Достапни линкови

„Прво па женско“ со тема „Ова тело кое не е едно“


Плакат „Прво па женско“

Со дискусија за гинекологија и акушерство, сервисите, достапноста и третманите со кои жените се соочуваат во доменот на репродуктивното здравје започнува настанот „Прво па женско“.

На панелот ќе учествуват министерот за здравство Венко Филипче, претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство д-р Ана Данева Маркова од Гинеколошко-акушерската клиника, здравствената медиаторка Љатифа Шиковска и Елизабета Божиноска која е програмска директорка на ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување. Панелот ќе го модерира Марија Башевска од Реактор – Истражување во акција.

Темата на годинешниот настан е „Ова тело кое не е едно“.

„Програмата на „Прво па женско“ оваа година ќе опфати повеќе аспекти од третманот, сликата, идентификувањето и восприемањето на телата, без разлика дали тоа подразбира релација во која е воспоставена институционалната моќ, влијанието од акутните социо-културни динамики или пак, индивидуалното доживување на себеси. Ќе имаме можност да дознаеме и да размислуваме за старото/младото, грдото/убавото тело во македонската народна култура. Ќе зборуваме за женското здравје, за задоволството, но и за болката и неприпаѓањето. Ќе зборуваме за тоа каква е сликата за телото во кибер просторот, обременета со сите стереотипи и стигми и како тоа влијае врз јавното мислење“, напиша Јана Коцевска, една организаторките во документот за најавата на настанот.

Официјалното отворање на „Прво па женско“ е во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар, по што ќе се продолжи со останатата програма. Најавено е дека ќе трае до 12 мај, а во четиридневната програма ќе има повеќе дискусии, изложби, перформанси, раскажувачки слем, театарска претстава, две работилници, концерти, диџеј сетови, едно предавање и проекција на филм, сите реализирани во просториите на МКЦ.

XS
SM
MD
LG