Достапни линкови

Рекордни 12.500 маратонци на Скопски маратон


Виз Ер Скопски маратон 2017
Виз Ер Скопски маратон 2017

Утре ќе трчаат натпреварувачи од 58 држави.

Околу 12.500 натпреварувачи од 58 држави ќе учествуваат на 15. јубилеен Виз Ер Скопски маратон што ќе се одржи утре низ улиците во метрополата. Учесниците ќе се напреваруваат во четири трки: маратонот, полумаратон, штафетната трка и трката на пет километри. Оваа година на најкратката трка пријавени се 9.500 учесници од кои повеќето од половината се жени.

Како што појасни директорот на маратонот Кире Синадиновски и оваа година ќе има елитни натпреварувачи од Етипопија и Кенија, а се очекуваат и нови рекорди на патеката. Информираше дека за оваа трка е направена мобилна апликација на која ќе можат да се следат натпреварувачите, кој на која позиција се наоѓа во моментот. Пренос на трката ќе врши Македонската телевизија.

„Наградниот фонд изнесува 18.000 евра, а најдобрите во маратонот кои ќе успејат да го освојат бонус критериумот во време, ќе можат да освојат максимум 5.000 евра. Предвиден е и посебен награден фонд и за домашните маратонци бидејќи сакаме да ги мотивираме“, рече Синадиновски.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека Скопскиот маратон е еден од најпознатите во регионот, а за неговиот углед, рече тој, говори податокот дека почнува да станува маратон чие исполнување на норми за учество е еден од императивите на учесниците. Информираше дека градот за овој маратон одвоил 1,5 милиони денери од буџетот, но и дека на организаторите им се обезбедени сите капацитети на јавните претпријатија од кои имаат потреба.

Атлетичарите Адријана Поп Арсова и Александар Кираџиев рекоа дека очекуваат одлична трка и добар успех, но исто така и повикаа на масовна поддршка од граѓаните на нашиот град за кои ќе има забава на повеќе локации, награди за надобар транспарент и најдобра фотографија. Кираџиев рече дека очекува македонските маратонци да ја пробијат бариерата од три часа и дека ќе освојат подобар успех од претходните години.

XS
SM
MD
LG