Достапни линкови

Вердиевиот „Реквием“ повторно на сцената на Филхармонија


Филхармонијата, заедно со Хорот на Операта и солистите Весна Ѓиновска-Илкова, Елени Матос од САД, Дејвид Јунгхон Ким од Кореја и Милан Силјанов, под диригентство на Емил Табаков од Бугарија утре вечер ќе го изведе едно од најмоќните дела во историјата на музиката - „Реквием“ од Џузепе Верди.

„Реквием“ на италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди се смета за едно од најмоќните, најдраматичните дела во историјата на класичната музика. Оваа творба претставува прекрасна фузија од опера, драма, симфонија, од возбудливи, виртуозни соло мигови, од радост и среќа, до патос и тага, од едноставни „реченици“ кои ја растеретуваат мислата, до длабока филозофска идеја за чија суштина вреди да се размислува. Делото напишано во 1869 година е посветено на двајца славни италијански уметници - писателот Алесандро Манцони и композиторот Џоакино Росини и поради откажувањето на премиерата во последен миг никогаш не било изведено додека бил жив неговиот автор – големиот Верди.

„Само гениј би можел да напише вакво дело“, изјавил своевремено композиторот Јоханес Брамс, а критиката ќе забележи дека Реквиемот на Верди е дело со „најсконцентрирани“ емоции – сите човекови чувства ставени на толку малку страници. Дека музиката во него е директна и моќна, вознемирувачка, величествена...

И, по долга пауза, моќното дело на италијанскиот класик се враќа на сцената на Филхармонија. Овојпат заедно со Хорот на Операта и со врвните солисти македонската сопранистка Весна Ѓиновска-Илкова, мецосопранистката од соседна Грција која живеее и настапува во САД – Елени Матос, тенорот Дејвид Јунгхон Ким од Кореја и нашиот бас-баритон Милан Силјанов кој својата светска кариера ја развива од Швајцарија.

Концертот насловен едноставно како „Вердиевиот Реквием“ ќе се одржи овој четврток, на 25 април во 20 часот, а за нагласената музичка возбуда одговорен ќе биде стариот познаник и веќе одомаќен дириген кај нас - маестро Емил Табаков од Бугарија.

Самата сцена импонира со огромен број на уметници, а и делото коешто е навистина фасцинантно за целиот период на музичката историја ќе биде се надевам предизвик за сите вистински љубители на убавата музика за овој несекојдневен концерт на Филхармонијата. Во „Реквием“ на Верди се содржани голем број на филозофски мисли, а музиката на италијанскиот мајстор е претставена во брилијантно светло, ќе рече во пресрет на овој проект и значаен културен настан Виктор Илиевски, директор на нашата национална установа.

А, по неговите зборови кратко посегање и по биографијата на маестро Емил Табаков.

Роден 1947 во Русе, соседна Бугарија, Табаков се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел. Паралелно студирал и дипломирал на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломирал и на одделот по композиција. За време на студиите, тој ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата уметничка кариера добива поинаков ток.

Од 1976 до 1979 работел како диригент на Филхармонијата во родниот град, а потем сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кого остварува значајни концерти ширум светот. Во 1985 година станува и диригент на Софиската филхармонија, а од 1988-та до 2000 година музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар.

Во периодот што следува Табаков е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио.

Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапувал со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија... Тој диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција.

Неговото портфолио вели и дека до сега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија и во САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 албуми), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен...

Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. За неговите творби е наградуван од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на носачи на звук. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100-те најдобри професионалци за 2012 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG