Достапни линкови

Битолчани ѝ дадоа 200 гласа повеќе на Сиљановска од Пендаровски


Гласање на претседателски избори во Битола
Гласање на претседателски избори во Битола

Стево Пендаровски, освои околу 10 илјади гласа помалку од СДСМ на претходните парламентарни и локални избори во Битола. Сиљановска – Давкова, пак, освои речиси ист број гласови како ВМРО-ДПМНЕ на претходните локални избори.

Околу 226 гласа повеќе освои Гордана Сиљановска Давкова од Стево Пендаровски во Битола. Иако разликата не е голема и не е решавачка во однос на крајниот изборен резултат, сепак ова се први избори во последните две и пол години на кои ВМРО-ДПМНЕ успеава да освои повеќе гласови од СДСМ во Битола. Според ДИК, во првиот круг од претседателските избори, за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Сиљановска Давкова гласаа 17.992 гласачи од Општина Битола. За противкандидатот Стево Пендаровски од СДСМ и коалиционите партнери 17.766 гласачи.

Граѓаните од идниот претседател очекуваат просперитет во земјава, а некои дури и решавање на локални проблеми.

„Очекуваме подобрување.

„Напред да оди државата.“

„Кој е подобар нека победи.“

Во Бистрица овоштарите ги исфрлија јаболката и жителите работат со загуба не само оваа година, туку неколку години назад. Па и претседателот е граѓанин на оваа земја. Што претседател ќе биде тој ако не се грижи за проблемите на своите луѓе“, коментираат жители на Општина Битола.

Иако се работеше за претседателски избори, сепак се коментираше и како кандидатите поминаа на локално ниво.

„Битолчани како честити луѓе, овој пат одлучија храбро, раководени од двата основни принципа правда и праведност, нашата кандидатка Гордана Сиљановска Давкова го победи во Битола кандидатот на СДСМ и ДУИ. Битола и овој пат е показател и носител на промените и прогресот во Македонија“, рече Иванчо Тошевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ за Битола.

За разлика од сегашните 17.766 гласови, во 2016 година на парламентарните избори СДСМ во Битола имаше освоено 26.741 глас или за над 2200 повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. На локалните избори од 2017 година, кога во првиот круг победи Наташа Петровска за градоначалник, имаа освоено дури 31.337 гласови, а советничката листа доби 26.555 гласови. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ за својот кандидат Зоран Илиоски освои 17.715, приближно колку сега.

Градоначалничката Наташа Петровска, кадар на СДСМ, изрази надеж дека вториот изборен круг ќе донесе решение со кое земјава ќе продолжи да се движи во колосек, а нема да биде препуштена на стихијата.

„Задоволна сум од тоа што имавме демократски избори. Резултатите покажуваат дека имаме сериозна трка во вториот круг каде имаме два кандидати кои треба овој период да го искористат со анализи во нивните штабови, евентуално каде има некакво потфрлување за на крај да завршиме со најоптимално решение за државата. Убедена сум дека земјава ќе тргне по колосек што значи дефинираност, а не пуштање под стихија“, рече Петровска.

Од останатите општини во Југозападна Македонија, кои се во близина на Битола, Стево Пендаровски има повеќе гласови во Ресен и Крушево, додека пак, во Могила, Демир Хисар и Новаци повеќе гласови освои Сиљановска Давкова.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG