Достапни линкови

Баковска: Во душата сум лиричар и покрај тоа што пишувам проза


Кога творецот ќе дојде до одредена возраст, кога ќе акумулира одредено животно искуство едноставно повеќе не е можно да пишува измислени приказни. Тој ги пишува приказните коишто живеат околу него, вели Елизабета Баковска по објавувањето на својата втора збирка раскази „Последните голтки“.

„Последните голтки“ е втората збирка раскази на Елизабета Баковска која доаѓа по безмалку деценија и половина од „Четири годишни времиња“. Станува збор за самостојно издание, кое слично како и нејзината втора книга објавена за Блесок во 2004 година, ќе биде со поднаслов „раскази за суштински нешта“, но овојпат со додавката „вторпат“. Делото, во нешто повеќе од 110 страници, збогатено со избор на уметнички фотографии на Сашо Димоски, го сочинуваат два циклуса: Раскази во трето лице и Раскази во прво лице, поделба која, според Оливера Ќорвезироска, е направена така „да нѐ залаже дека во првиот дел се неличните, измислените приказни, а во вториот – обратното (личните, неизмислените), а всушност „дека првите се малку помалку, а вторите – малку повеќе лични“.

И, кога сме веќе тука не случајно Ќорвезироска, меѓу другото, во својата детална анализа ќе забележи дека „Последните голтки“ е книга на и за сеќавањето, некаков тефтер од минатото потпикнат под масата на сегашноста, за да ја направи постабилна, за да не се клати.

​Говорејќи за временската дистанца помеѓу двете збирки раскази, Елизабета Баковска знае да каже дека таа во меѓувреме пишувала, но дека не објавила книга со раскази. Еден од нив „Празнина“ ја добил и првата награда на Конкурсот на „Нова Македонија“ за кус расказ пред многу години. Дека овие раскази полека се акумулирале и дека потем ги собрала во една збирка. Згора на тоа таа пишувала и книжевна критика, феминистичка теорија, го работела докторатот на што отишло многу енергија, а во таа „пауза“ се родиле и двата сина – Константин и Владимир.

„Има некои автори кои си имаат норма. Си седат и си велат денес јас од 8 до 16 часот ќе напишам толку и толку зборови. Јас не можам така да работам. Работам тогаш кога ќе ми дојде. Кога ќе добијам инспирација. Некогаш доцна навечер. Некогаш има денови и денови кога постојано пишувам. Некогаш ќе се случи дека ништо друго не можам да правам освен да пишувам, а има и такви денови кога не можам ни збор да забележам. Ете тоа е мојот творечки процес, ако можам така да го наречам“, вели Баковска.

Појаснувајќи ја поделбата на „Последните голтки“ на два циклуса, на Раскази во трето лице и Раскази во прво лице, писателката истакнува дека со тоа сакала да го покаже она што нејзе и се случило после сите овие години на пишување и творење а тоа е дека постепено почнала да преминува од раскажување приказни за другите или од раскажување на приказните на другите кон раскажување на своите лични приказни. Дополнува дека за неа „свои лични приказни во прво лице“ се и приказните на баба и, на дедо и, на нејзините родители, приказните на нејзините деца, па дури и приказните на нејзините блиски околу неа.

„Кога човек ќе дојде до одредена возраст, кога творецот ќе дојде до одредена возраст, кога ќе акумулира одредено животно искуство едноставно повеќе не е можно да пишува измислени приказни. Тој ги пишува приказните коишто живеат околу него. Некои од нив за да ги забележи затоа што го фасцинирале, некои од нив за да останат во живот. За да ги забележи да не се заборават. Така беше и мојот пристап кон збирката. Не секогаш тие раскази коишто се по насловот Раскази во трето лице се навистина пишувани во трето лице. Идејата беше да се покаже дека сепак постои некоја дистанца меѓу мене и приказната којашто се раскажува, а згора на тоа да се покаже и тоа како постепено, со текот на годините и со акумулираното животно искуство приказните стануваат мои. Тоа се моите приказни на крај. Тоа значи она во прво лице“, смета Баковска.

Фото: Сашо Димоски
Фото: Сашо Димоски

Таа и со дополна дека сите луѓе кои се занимаваат со уметност и со култура којашто бара консумент, бара публика...се во суштина егзибиционисти. Вели дека нивната цел, дека тие пишуваат, односно дека таа пишува со желба да ја прочитаат и да ја разберат. Дека суштината на секој автор е да допре, сака да допре, има исконска – суштинска потреба да допре до некој друг. Да биде сослушан, да биде прочитан, да биде разбран.

„Јас некогаш свесно, некогаш помалку свесно ја правам таа поента. Во суштина мене ми е битно да ја пренесам емоцијата. Во душата јас сум лиричар и покрај тоа што пишувам проза. Поблиску ми е лирското од епското во една класична смисла на тоа што е лирско, а што епско и битно ми е да ја пренесам емоцијата. Мило ми е кога читателот ќе ја препознае таа емоција, кога ќе се соживее со неа и ќе ја смета како нешто што тој го доживеал. Така што тука не ме разбира само мене, не ја сфаќа само мојата поента така да ја наречам, туку некоја генерална, општо човечка, некое заедничко човечко искуство коешто сите ние го споделуваме. На крајот кога деталите ќе се дестилираат кој како доживеал некоја работа кај сите заедничкото е таа емоција, тоа чувство кое што кај нас го предизвикало одредено животно искуство“, вели таа.

На забелешката дека приказните во „Последните голтки“ генерално и немаат некоја строга временска одредница и дека во збирката раскази политиката некако само странично се провира, Елизабета Баковска со појаснување дека тоа свесно го сторила. Во својата експликација најнапред ќе рече дека неодамна го гледала интервјуто на Влатко Стефановски со една бугарска новинарка каде што тој, како што вели, кажал една суштинска работа која нејзе лично ја допрела и со која многу се согласува. На прашањето нешто за политика, тој со контра прашање дали новинарката се сеќава на тоа кој бил на власт кога биле актуелни БИТЛСИ и дека тоа и не е битно оти музиката останува.

„Она што нам со децении ни се случува како дневна политика е апсолутно токсично. Не труе на секојдневна основа и не притиска надолу. Ние до толку сме навлечени во баналните секојдневности што едноставно не можеме да се издигнеме и дури во нашите сопствени животи да ја видиме убавината. Убавината на живеењето. Благородната душа на нашиот секојдневен живот. Како да ни снема време и енергија да се израдуваме на нашите деца. Да се израдуваме на она што го создаваме, на она што го твориме. Да се израдуваме на еден пријатен муабет којшто ќе го имаме со еден пријател, затоа што секогаш тој пријатен муабет мора да биде затруен со дневно политички работи. И мислам дека апсолутно имаме потреба и мораме да најдеме против отров на оваа токсична ситуација, а единствениот одговор на тоа е создавањето на културните добра. Културните добра кога, не знам, за еден час, два...еден концерт, една театарска претстава, филм, една добра книга која ќе се прочита или било каков друг вид на културен производ ќе те извлече од таа банална секојдневна ситуација и ќе потсети на тоа кои се вистинските вредности во животот. Што е суштинското, што е убавото што ќе те воодушеви. Јас сепак се осврнувам на одредени тековни политички состојби, меѓутоа повторно сакам да покажам на тоа на кој начин тие влијаат на емотивната состојба на поединецот во општеството. Од тој аспект гледам на работите“, ќе рече Баковска.

Фото: Сашо Димоски
Фото: Сашо Димоски

Како пример за своето говорење го посочува расказот „Дождовите престанаа“ каде вели дека намерно отишла со фуснота која е подолга од самиот минијатурен расказ за да покаже како сувопарно, новинарски се известува за одредена природна катастрофа, а од друга страна во самиот расказ како таа суштински допира до животите на луѓето коишто биле вовлечени во неа. Од друга страна, Елизабета Баковска во последно време се почесто пишува литература за деца и на прашањето од каде потребата за тоа таа со појаснување дека „без свест за иднината, ако седиме и чекаме работите само да се случат, ако писателите седат и чекаат да се појави некоја читателска публика, или ако не создаваат на македонски јазик и очекуваат без создавање тој јазик да продолжи да постои – тоа е илузија и дека така нема да се случат тие работи“.

„Почнав да пишувам за деца прво од лични раскажувајќи им приказни на моите деца, па си реков дај ова да го запишам што им го раскажувам, а второ со една свест дека нашата сегашност нема да постои доколку ние постојано не размислуваме за иднината. И доколку постојано не инвестираме, еве ќе го употребам и тој збор за кој сметам дека не е многу убав, во создавањето на читателска публика. Децата од мали нозе да ги учиме не само да бидат читателска, туку публика која ќе ја конзумира културата, културните добра на секаков можен начин. И таа идна публика да биде со зголемена свест и за минатото. Да ги поврземе сите тие работи во еден круг којшто постојано ќе се врти, нема да прекине и нема да има почеток и крај. Тука беше и целата идеја. Да се пишува за деца и на децата да им се понудат наши, а универзални приказни“, вели таа.

И, кога сме веќе кај пишувањето за деца несомнено значајно и тоа што Елизабета Баковска деновиве како автор ја потпиша енциклопедијата „Основоположниците на македонската современа уметност“ која се појави како издание на Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ и Националната галерија на Северна Македонија. За објавата таа вели дека на овој начин тие се трудат да ги потсетат децата, во една друга област - во ликовната уметност, кој се луѓето кои всушност се основоположниците, оние кои го поставиле темелот на современата македонска уметност. Дополнува дека тука не мисли само на Мартиновски и Личеноски кои сите ги знаеме како имиња, туку на тоа кои биле нивните претходници. Почнувајќи од Димитар Папрадишки и на кој начин тој почнал да го создава она што се вика световна уметност. Каков бил развојот од традиционалните зографски тајфи кои се занимавале со исцртување под одредени норми на црквите кон цртање на портрети, па понатаму преоѓајќи од реализам кон експресионализам, кон импресионализам...и кон сите тие други правци. Потем кој биле нашите први вајари и така со ред.

„Мислам дека е многу битно децата да научат дека ние треба да се гордееме со она што е наше. Имаме нешто што е вредно, нешто што е интересно. Сите тие луѓе излегувале надвор од државата. Оделе во Франција, во Романија. Оделе во други културни центри во тогашна Европа и таму се едуцирале. Самите биле изложени на тековните движења во уметноста, Научиле нешто од нив. Го донеле тука и создале дела коишто се апсолутно вредни од секаков можен аспект. Не само како архивска, историска граѓа туку и како уметнички дела. Она што и за мене беше многу благородно е што и јас научив многу. Читајќи за овие луѓе научив многу и мило ми е доколку успеав мојата возбуда да ја пренесам на оние деца коишто тоа ќе го читаат понатаму. И да ги инспирирам. Со прашања да ги инспирирам нешто дополнително да научат и можеби самите да се обидат да творат. Со свест дека ги има и Рембрант и Пикасо, но ги има и Мартиновски и Личеноски. Го имаме еден Коста Шкодреану кој творел на почетокот на 20 век. Имаме и жени коишто создавале. Многу интересни жени. Ја имаме Борка Аврамова. Таа е скулптор. Нејзините дела јас дури сега прв пат ги открив. Токму пишувајќи за неа и за она што таа го создала. Тоа е импресивно. Пикасо ја имал „Герника“, а нашиот Борко Лазевски во холот на Старата железничка станица во Скопје имал фреска за НОБ долга 45 метри. За жал таа е уништена во Земјотресот. Тој катастрофален потрес направил некаков рез во развојот на културата и тука сме изгубиле многу вредни дела. Многу капитални творци загинале во тој земјотрес. Сето тоа е фасцинантно и интересно да се запише. И да се инвестира, пак ќе го употребам тој збор, во развојот на тие деца. Да не ги труеме да гледаат само вести и да играат само видео игри туку и да ги изложиме на убавина. Бидејќи убавината, на крај, можеби и ќе го спаси светот“, вели Баковска.

И, по сево ова, уште неколку цртички од биографијата на писателката.

Родена 1969 година во Битола, Елизабета Баковска дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на Институтот Евро-Балкан.

Таа преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на англиски, шпански, романски, бугарски, словенечки, српски, црногорски јазик.

Освен споменатите „Четири годишни времиња: раскази за суштински нешта“ и актуелната „Последните голтки: раскази за суштински нешта, вторпат“, Баковска е автор на книгите: „Житие на нашата љубов“ ( поезија - Маседониа Прима, 2003), „Состојби на духот и телото по триесеттата“ ( поезија - Блесок, 2005), „На пат кон Дамаск“ (роман - Слово, 2006), „Варварите сè уште пишуваат поезија“ (самостојно издание, 2015), „Сопствена соба, сопствено гето: женското писмо во современата македонска проза“ (книжевна теорија/критика - самостојно издание, 2016) и „Тринаесет осврти за книжевни и слични дела“ (книжевна критика - Блесок, 2018).

Конечно, Баковска на македонски јазик ги превела Надин Гордимер, Вилијам Фокнер, Бора Ќосиќ и Давид Албахари.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG