Достапни линкови

Ескалација меѓу нуклеарните сили Индија и Пакистан


Соборениот индиски авион во Кашмир
Соборениот индиски авион во Кашмир

Пакистанскиот премиер Имран Кан повика на разговори, затоа што двете нуклеарни сили не може да си дозволат „погрешни проценки“, откако Индија и Пакистан соопштија дека меѓусебно си урнале воени авиони.

Пакистан го затвори својот воздушен простор „на неопределено“, соопшти денеска Управата за цивилна авијација, откако Исламабад утринава објави дека соборил два индиски авиони. Индија, пак, подоцна соопшти дека соборила еден пакистански авион.

Портпаролот на пакистанската армија рече дека цивилната авијација ја донела одлуката „поради настанатите околности“.

Извор на агенцијата Франс прес рекол дека Управата за цивилна авијација ги известила сите компании да ги „прекинат операциите во Пакистан“ до нови инструкции.

Голема дел од Индија, северно од Њу Делхи, исто така е затворена за цивилни летови.

Пакистан соопшти дека утринава соборил два индиски авиони во својот воздушен простор. Пакистанската војска вели дека ги заробила двајцата пилоти во нивниот дел на Кашмир, а еден од нив е однесен во болница.

Индија, пак, потврди дека изгубила еден авион Миг-21 и дека пилотот е исчезнат додека спречувал напад од пакистански авион во регионот на Хималаите. Њу Делхи вели дека индиската војска соборила еден пакистански авион.

До ескалацијата на судирите меѓу двете нуклеарни сили дојде еден ден откако Индија бомбардираше цели во пакистанскиот дел од Кашмир. Њу Делхи вчера соопшти дека извршиле напади врз најголемиот камп за обука на организацијата Џаиш-е-Мухамед, која, според индиските власти, стои зад самоубиствениот напад врз индиските војници во Кашмир на 14 февруари.

Ова беше прв напад преку Линијата на контрола во Кашмир, која е де факто граница меѓу двете земји, по завршувањето на војната меѓу двата соседи во 1971 година.

Тензиите меѓу Исламабад и Њу Делхи се зголемени по самоубиствениот напад од 14 февруари во кој беа убиени 41 индиски војници во претежно муслиманскиот Кашмир. Двете земји тврдат дека областа е нивна територија.

Пакистанскиот премиер Имран Кан, во денешното обраќање до нацијата, повика на разговори со Индија и изрази надеж за „подобро разбирање“ за деескалација на ситуацијата.

„Историјата нè учи дека војните се полни со погрешни проценки. Прашувам дали, со оглед на оружјето што го имаме, може да си дозволиме погрешни проценки“, рече тој, додавајќи дека „мора да седнеме и да разговараме“.

Претходно, индискиот министер за надворешни работи Сушма Свараџ рече дека неговата земја „не сака понатамошна ескалација“.

„Индија ќе продолжи да се однесува одговорно и воздржано“, рече тој за време на посетата на Кина.

Две од трите војни меѓу нуклеарните сили Индија и Пакистан, по стекнувањето независност од Велика Британија во 1947 година, се водеа за територијата на Хималаите.

Пакистанската полиција денеска исто така соопшти дека индиските сили истрелале артилериски гранати преку Линијата на контрола, при што убиле шестмина цивили.

Во друг инцидент денеска, хеликоптер се урна и експлодира во близина на градот Сринагар во индискиот дел на Кашмир, при што загинаа тројца луѓе. Причината за уривањето засега е непозната.

Индија соопшти дека во вчерашните воздушни напади биле убиени „многу голем број“ милитанти, но Пакистан негира дека имало жртви. Исламабад предупреди дека ќе одговори на индиската „агресија“.

Милитантната организација Џаеш-е-Мухамед ја презеде одговорноста за нападот врз индиските безбедносни сили од 14 февруари. Индија смета дека пакистанските власти имаат директно учество во нападот и обвини дека им дава прибежиште на милитантите. Исламабад негира вмешаност.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео ги повика двете земји да се воздржат од понатамошни воени активности. Тој вчера рече дека разговарал со неговите колеги и од Индија и од Пакистан.

„Им укажав на двајцата министри дека ги охрабруваме Индија и Пакистан да се воздржуваат и да избегнуваат ескалација по секоја цена. Исто така ги охрабрив двајцата министри да ѝ дадат приоритет на директната комуникација и да избегнуваат понатамошни воени активности“, рече тој.

ЕУ, Русија и Кина, која е сојузник на Пакистан, исто така ги повикаа двете земји на воздржаност.

XS
SM
MD
LG