Достапни линкови

Јутјуберите - идоли на новите генерации


Интернетот треба да се користи дозирано и само за корисни работи, сугерираат упатените. Според нив, родителите мора да внимаваат какви видеа гледаат децата, но одговорност мора да има и јутјуберот. Во меѓувреме, популарноста на јутјуберите расте, а со тоа и зависноста на децата од нивните видеа.

Џипи, Стефонатор, Винкут... во земјава скоро и да нема дете кое не знае што значат овие имиња. Популарноста на овие млади деца кои снимаат видеа и ги емитуваат на јутубканалот, а децата ги следат преку социјалните мрежи расте со голема брзина и зачудувачки е колку следбеници имаат истите и каква фасцинираност предизвикуваат кај младите.

И додека родителите се загрижени за времето кое децата го поминуваат гледајќи што ново направиле таканаречните „инфлуенсери”, упатените велат дека оваа појава е само начин преку кој младите се дружат и разминуваат искуства со другите во виртуелниот свет. Сепак, додаваат дека секој јутјубер мора да биде одговорен за тоа што го кажува во видеото.

„Јутјуберите мора да сфатат дека популарноста не значи само да бидеш опкружен со луѓе коишто те следат, но истовремено значи одговорност и кон младите или сите кои ве следат. Многу често сме сведоци дека тие инфлуенсери во голема мера објавуваат работи кои се несоодветни за публиката, особено детската која нив ги следи, но има пак и примери во кои тие се вклучуваат или даваат поддршка на иницијативи коишто се борат против насилството меѓу врсниците или генерално булингот, како и против негативни појави кои се случуваат на таа возраст”, вели Бојан Кардалов, специјалист за социјални медиуми.

Но, како да се стави граница помеѓу она што е позитивен ефект и евентуално негативно влијание од зависноста на децата од јутјуберите и нивните видеа? Кордалов го потврдува фактот дека социјалните мрежи имаат многу помала контрола или цензура во однос на класичните медиуми, но дека таа сепак постои.

„Контролата ја дефинира секој сам на почетокот, а потоа тука се и големиот број на филтри коишто самите социјални медиуми ги воведуваат со цел да ја заштитат публиката и да ограничат кои содржини може да бидат изложени на нивната мрежа, а кои пак ќе бидат забранети или рестриктирани за одредена возраст. Исто така има опции за пријавување од страна на други корисници за несоодветна содржина, а доколку настанат и посериозни повреди може да реагираат и националните институции”, вели Кордалов.

Еден од најпознатите јутјубери кај нас е Стефан Рашковиќ или познат како „Стефонатор”. Тој вели дека во своите видеа не користи недолични зборови и внимателно одбира што ќе каже.

„Внимаваме на работите кои што ги објавуваме, затоа што знаеме дека сепак не следи публика која зема еден вид пример од нас и гледаме да бидеме добар пример и содржините кои ги објавуваме да одговараат за сите и да немаат некое лошо влијание на некој“, вели Рашковиќ.

И Емил Иванов познат како „Винкут” го тврди истото.

„Тоа е за себе најважно, бидејќи знам дека не гледаат дечиња, гледам да нема вулгарност, да нема пцовки, се да биде само интересно, смешно и глупости правење”, изјави Иванов.

Универзитетската професорка Татјана Стојановска - Иванова која спровела истражување поврзано со влијанието на јутјуберите врз младите, вели дека зачудува фасцинираноста на младите од тие личности, кои како што вели, ги доживуваат како модели на самоидентификација.

„Многу малку на масовните медиуми може да сретнеме емисии кои изобилуваат со култура, уметност, вистински детски свет, па да им дадете вистински модели. Ние растевме со Бранко Коцкица, со мечето Ушко, преку кои програми имате порака за морални вредности кои на суптилен начин биле проткаени, а денеска имате серии кои изобилуваат со агресија и насилство. И на некој начин јутјуберството е нешто што е ин во светот, но и нешто поразлично од секојдневното прикажување“, вели професор Стојановска - Иванова.

Таа сепак предупредува дека родителите мора да бидат внимателни и будно да следат што нивните деца гледаат и кои пораки ги добиваат од видеата.

„Поентата е дозираноста, родителите, наставниците да внимаваат на тоа што следи детето, да се етаблира воспитната функција кај семејството. Трката по работа си го прави своето, но најважно е родителите да се свртат кон своите деца, за да не се случи последиците да бидат лоши. Најважна е превенцијата“, вели Стојановска.

Како една од негативните последици кои Стојановска ги посочува од оваа трендовска појава е создавањето на слика дека со малку умствена работа и труд може добро да се заработи, па во таа насока загрижувачки се заклучоците до кои дошла професорката, а според кои децата се помалку читаат, а се повеќе ги гледаат видеата на јутјуберите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG