Достапни линкови

Неделници - Успехот на Договорот за името и доброто полувреме на фирмите


Архивска фотографија - Премиерот Зоран Заев и владина делегација во посета на Германија. Пречек на делегацијата од страна на канцеларката Ангела Меркел.

Неделникот Фокус прашува зошто за успехот на Договорот со Грција повеќе е загрижена германската канцеларка Ангела Маеркел од шефот на ВМРО-ДПМНЕ? Капитал, пак, го анализира финансиското работење на 20 најголеми фирми во Македонија и заклучува дека фирмите имале „добро прво полувреме“.

Фокус - „Меркел повеќе се грижи за Македонија од Мицкоски“

„Најновото издание на Фокус на насловната со карикатура актуелна за посетата на канцеларката Ангела Меркел на земјава во знак на поддршка за претстојниот референдум. Високата гостинка од Германија, облечена во античка тога го тегне за уво лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски, исто така облечен во античка грчка облека, пред табла на која пишува „За“, а насловот гласи: „Мицкоски на поправен“. Алузијата не е потребно да се објаснува.

Како контрапункт на однесувањето на најголемата опозициска партија во врска со референдумот и евроатлантските интеграции, Фокус анализира и заклучува: „Меркел повеќе се грижи за Македонија од Мицкоски“ е насловен текстот во неделникот во кој е поставено прашањето: „Зошто половина германска влада би се загнала да доаѓа во Македонија?“ Па повторно продолжува со прашање: „И нели е апсурдно дека за успехот на договорот со Грција, кој е единствена можност македонската држава да стане членка на НАТО и конечно да почне преговори за членство во ЕУ, повеќе да е загрижена Ангела Меркел од шефот на ВМРО-ДПМНЕ?“

„Политичко и/или национално самоубиство“ е насловена една од редовните колумни во неделникот, при што колумнистот пишува дека е почесно и политички попродуктивно и за државата и за партијата ако јавно се изјаснат против евроатлантските интеграции на државата, ако за нив, вели, клучен услов е прифаќањето на Договорот од Преспа. „Слепото повторување дека се против Договорот, а се за евроатлантските интеграции во најмала рака е политички неодговорно и нема свој здраворазумен поглед“, пишува Фокус.

Капитал – „Добро прво полувреме за фирмите“

„Добро прво полувреме за фирмите“ – забележува Капитал во анализата на финансиските извештаи на најголемите 20 котирани компании на Македонската берза за работењето во првата половина на годинава. Три од четири анализирани компании прикажале зголемување на приходите од продажба, меѓу нив прва е Окта со инкасирани 197 милиони евра. По неа се Макпетрол и Македонски Телеком. По сектори, пишува неделникот, пад на приходите има кај компаниите од градежништвото и кај дел од металската индустрија, а овие два економски сектора всушност се соочуваат со криза. Инаку, сите 20 компании вкупно инкасирале нешто малку над 863 милиони евра, а само три покажале загуби. Сите осум банки во Македонија што котираат на берзата, прв пат по подолго време, покажале профити од работењето. Најголема добивка остварила Стопанска банка, по неа следат Комерцијална банка и НЛБ. Од друга страна, задолженоста на домаќинствата ќе продолжи да расте, пишува Капитал во друга анализа. Најголемиот ризик лежи во фактот што задолженоста се зголемува кај домаќинствата со ниски примања, кои имаат најголеми проблеми со редовната отплата на кредитите. Само минатата година банките одобриле околу 200 милиони евра кредити на домаќинствата, од кои над 70 проценти се кредити за финансирање на нивната потрошувачка, забележува Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG