Достапни линкови

До референдумот и по него


Архивска фотографија-Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас го прославуваат потпишувањето на договорот за името, 17 јуни 2018
Архивска фотографија-Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас го прославуваат потпишувањето на договорот за името, 17 јуни 2018

Ако на референдумот мнозинството граѓани гласаат „за“ тоа ќе биде поттик и за опозициските пратеници да гласаат за уставните измени, а ако мнозинството е против извесни се предвремени парламентарни избори, протести и забавување на интеграциите, сметаат аналитичарите.

Доколку референдумот биде успешен и мнозинството се изјасни за договорот со Грција и интеграцијата во ЕУ и НАТО тогаш релациите власт- опозицијата нема да се заострат до голема мера, а ако, пак, не биде успешен, можни се помасовни антивладини протести, речиси извесно предвремени избори, тензии и одолговлекување на евроатлантските интеграции.

Вака накратко аналитичарите прогнозираат што би се случувало по 30 септември во двете варијанти - успешен и неуспешен референдум.

Во случај на успешен референдум, главното прашање веднаш ќе се префрли во Собранието. Според Договорот со Грција, во следните два месеца, односно до крајот на 2018 година, како што е предвидено, Македонија треба да ги усвои амандманите на Уставот. За да се донесат уставните измени, потребни се гласовите на две третини од пратениците, односно 80 гласа.

За водење кампања „ЗА“ на референдумот до собранискиот спикер Талат Џафери барање испратија 71 пратеник, па очекувањата се дека тие би гласале за уставните измени. Во таков случај за тие да се донесат на владејачкото мнозинство ќе му бидат потребни уште најмалку девет пратеници кои се од кампусот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од таму пак се уште не ја кажуваат својата позиција за референдумот, но јасно кажуваат дека договорот не е добар и го сметаат за капитулантски чин.

Ако е успешен референдумот и тензиите ќе бидат помали

Најдобро сценарио за намалување на тензиите и меѓу власта и опозицијата и во општеството, според Марко Трошановски од Институтот за демократија е референдумот да биде успешен.

Тоа е единствен начин и пратениците кои досега се опонираа на договорот да прифатат гласање на уставните измени, како што и во неколку наврати директно или индиректно беше кажано, дека ако волјата на мнозинството е јасно изразена на референдум би требала да биде преточена во поддршка за уставни промени”, вели Трошановски.

Aмериканскиот центар за стратегиски анализи Стратфор, пак, во текст објавен деновиве оценува дека референдумот може да ги разгори националистичките чувства, како и политичките опозиции во двете земји.

Американскиот центар пишува и дека ако референдумот помине, протестите и социјалните немири би можеле да продолжат, оти за да се спроведе промена на името, Парламентот ќе мора да го промени македонскиот Устав, што според Стратфор, е процес кој нуди уште еден катализатор за големи антивладини протести.

Предвремени избори - можна опција

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири, пак, не очекува големи превирања за уставните измени во случај на успешен референдум повикувајќи се на шпекулациите дека и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласале за нив.

„Ако не успее референдумот Заев кој во политиката влезе со таа синтагма за ЕУ и НАТО апсолутно мора да оди на избори, а истовремено ќе почне притисокот од ВМРО-ДПМНЕ да се вратат на власт и би имало предвремени избори заедно со претседателските”, вели Демири.

Според него и ако референдумот е успешен, може да се очекуваат предвремени избори, оти како што вели Заев во тој случај би сакал да си го зголеми мнозинството.

Трошановски, пак, смета дека единствено ако на референдумот мнозинството гласаат против во тој случај тој ќе може да се смета за неуспешен и се неопходни предвремени избори. Истовремено, во таков случај би следел турбулентен период на внатрешна политичка и интер и интра етничка криза.

Дефинитивно членството во НАТО ќе излезе од опција, а и Македонија нема да ги пресретне условите што Европската унија ги даде за добивање на датум за преговори во јуни”, вели Трошановски.

Во меѓувреме, на три недели до референдумот власта продолжува со кампањата за гласање на референдумот најмногу преку одржување трибини со граѓаните, а засилена кампања имаа и неформалната група која повикува да се бојкотира изјаснувањето на 30 септември.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG