Достапни линкови

Вести

Началникот на Генералштабот на САД во посета на Грција

Началникот на Генералштабот на американската војска Џозеф Данфорд

Началникот на Генералштабот на американската војска Џозеф Данфорд од вчера престојува во дводневна посета на Грција во момент на затегнати односи меѓу Вашингтон и грчкиот сосед Турција. Данфорд денеска ќе се состане со началникот на Генералштабот на Грција Евангелос Апостолакис. САД сакаат да ја зголемат трговска и воената соработка со Грција. Данфорд ја започна неделата на контакти меѓу САД и Грција на високо ниво. Деновиве во Грција ќе престојува и американскиот министер за трговија Вилбур Рос кој ќе го посети годинашниот меѓународен трговски саем во Солун. Со него ќе допатува и сенаторот Рон Џонсон, претседавач на сенатскиот Комитет за внатрешна безбедност.

види ги сите денешни вести

Петков- ако се даде „зелено светло“ за Скопје веднаш ќе се зајакнат националистите во двата табора

Копретседателот на коалицијата „Промената продолжува“ Кирил Петков

Копретседателот на коалицијата „Промената продолжува“ Кирил Петков, што победи на парламентарните избори во Бугарија и кој е кандидат за иден премиер на Бугарија во интервју за германскиот весник „Шпигел“ во однос на прашањето меѓу Скопје и Софија, вели дека треба да се формираат работни групи и да се остават да преговараат шест месеци, за да не ги одредуваат работите само националистите.

„Зошто нема летови и возови меѓу Софија и Скопје? Ајде да зборуваме повеќе за економија отколку за различни толкувања на заедничката историја. Или за учебниците во Северна Македонија во кои се тврди дека Бугарите се фашисти“, вели Петков.

Тој за „Шпигел“ оценува дека доколку се даде „зелено светло“ за пристапните преговори веднаш, без дискусија, само ќе ги зајакне националистите во двата табора.

„Ние се потпираме на преговори, а не на пропаганда“, рече Петков за „Шпигел“.

Годинава во Бугарија трипати имаше парламентарни избори, последните се одржаа на 14 ноември. По нив за составување на новата влада преговараат Промената продолжуваа на Кирил Петков, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија.

Во Македонија постојат очекувања дека е можно да се направи пробив во разговорите и земјава да добие датум за почеток на преговорите за влегување во Европската унија на Советот за општи работи кој треба да се одржи на 14 декември.

Бугарија лани го блокираше македонскиот европски напредок со тврдење дека земјава не го почитува Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година.
Неодамна бугарскиот претседател Румен Радев рече дека инсистираат земјава да преземе конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, во државните и научните институции, во јавните медиуми, потоа да запре фалсификувањето на бугарската култура и историско наследство и особено да се почитуваат правата на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.


Белорусија возврати на западните санкции, забранува увоз и од Македонија

Илустрација

Режимот на авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко соопшти дека ќе забрани широк спектар на увоз на храна од земјите-членки на Европската унија, Соединетите Американски Држави и други земји почнувајќи од следната година а како одмазда за санкциите воведени против Минск.

Забраната ќе се однесува на увозот од ЕУ, САД, Канада, Велика Британија, Норвешка, Албанија, Исланд, Северна Македонија, Црна Гора, соопшти владата на 7 декември. Мерката, која треба да остане во сила шест месеци ќе почне на први јануари и ќе ги опфати прехранбените производи како што се месото, колбасите, млечните производи, зеленчукот, овошјето и сол. Владата соопшти и дека повеќе производи може да бидат забранети во случај на дополнителни санкции од западните земји.

Европската унија, Соединетите Американски Држави и другите западни земји воведоа неколку рунди санкции кон Минск поради задушувањето на продемократските протести кои беа организирани против реизбор на Лукашенко лани во август кој се смета за спорен. Минатата недела санкциите беа проширени на официјални лица и бизниси за наводно поттикнување на миграциска криза на источната граница на Европската унија.

Жител на Москва убил двајца откако му рекле да стави маска

Илустрација

Вооружен човек пукал во владин сервисен центар во Москва и убил двајца луѓе откако му било кажано да стави маска на лицето, соопштија локалните власти, а пренесуваат медиумите. Четворица други се повредени. Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин на руската социјалната мрежа ВКонтакте напиша дека пукањето се случило во центарот за документи Разјански денеска.

"Убиецот е приведен. Изразувам сочувство до повредените и до семејствата а загинатите. Лекарите прават се за да им помогнат на повредените“, напиша Собјанин.

Заменик-градоначалничката Анастасија Ракова рече дека меѓу загинатите се и службеник за обезбедување и администратор на центарот. Tаа додаде дека повредените се во тешка состојба.

Медиумите цитираа сведоци и претставници на центарот за документација кои рекоа дека мажот извадил пиштол и почнал да пука откако обезбедувањето во просториите му рекло да носи маска, а тој одбил. Носењето маска е задолжително како мерка за спречување на ширењето на ковид19. Според извештаите убиецот е 45-годишен московјанин. Истражниот комитет соопшти дека отворил истрага за „убиство“ и за „недозволено поседување огнено оружје“.

Заврши средбата на Бајден и Путин

Средбата на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин се одвива преку видео врска

По два часа заврши средбата преку видео врска на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин, јавува агенцијата Ројтерс. Двајцата лидери разговараа во време на зголемени тензии поради трупањето на руски војници на украинската граница поради што западните земји стравуваат дека Москва се подготвува да го нападне својот јужен сосед.

Засега ниту Белата куќа, ниту Кремљ не излегоа со детали од средбата. На снимката од почеток на состанокот емитувана на руската телевизија се гледа како Бајден и Путин пријателски се поздравуваа, а американскиот претседател му вели на рускиот колега дека се надева оти нивната следна средба ќе биде во живо. Белата куќа, пак, објави соопштение во кое се наведува дека разговорите започнале, но не испрати фотографии или видео од претседателот Бајден.

Инаку, денешната средба е трет директен разговор на двајцата лидери откако Бајден стана претседател во јануари. Очекувањата беа дека овој разговор може да биде и најважен поради тоа што Вашингтон сака да ја одврати Русија од можна инвазија на Украина, а Кремљ, пак, бара гаранции дека поранешната советска република никогаш нема да стане членка на НАТО.

Бајден, како што изјави вчера висок претставник на американската администрација на средбата ќе го предупреди Путин на тешки економски последици доколку Русија изврши инвазијата врз Украина.

Кремљ, пак, пред состанокот ја опиша состојбата на односите меѓу САД и Русија како „прилично жална“, наведувајќи дека не очекува напредок на состанокот на двајцата лидери.



Речиси три часа блокиран сообраќајот во Скопје

Скопје- закрчување на сообраќајот на булеварот Кочо Рацин, 7.12.2021

Сообраќајот во Скопје попладнево речиси три часа беше блокиран со колони возила кои стоеја во местo. Семафорите на дел од крстосниците беа исклучени, а сообраќајот го регулираше сообраќајна полиција.
Центарот за управување со кризи на Скопје соопшти дека на повеќето сообраќајници низ градот поплаенево е забележан поголем метеж на возила.
На раскрсницата кај трговскиот центар „Мавровка“ попладнево се случи и сообраќајна незгода во која четири лица се повредени. Во сообраќајната незгода учествувале пет возила, сите со скопски таблички, потврдија од Министерството за внатрешни работи. Повредените се пренесени во ГОБ „Климент Охридски“, но засега не се знае тежината на повредите.

Синдикалната кошница во ноември зголемена за 320 денари

Илустрација- маркет во Скопје за време на епидемијата на ковид19

Основните трошоци на едно четиричлено семејство во ноември се зголемени за 320 денари во споредба со октомври, објави денеска Сојузот на синдикати на Македонија, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.

Според пресметките на синдикатот, вредноста на синдикалната кошничка во ноември изнесува 34.893 денари. За храна и пијалоци минимум биле потребни 15.000 денари, а за режиски трошоци 10.914 денари.

„Евидентно е дека минималната синдикална кошница секој месец се зголемува и затоа ССМ постојано апелира минималната плата да изнесува најмалку 18 000,00 ден, а линеарно да се зголемуваат и сите останати плати. Поради се по евидентното зголемување на цените, повеќе од неопходно е дека ни треба зголемување на платите со кои ние како работници без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница“, наведуваат од ССМ.

Почна средбата на Бајден и Путин

Средбата на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин се одвива преку видео врска

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин ја почнаа видео средбата која доаѓа во период на зголемени тензии меѓу двете страни поради трупањето на руски војници на украинската граница, иднината на НАТО во регионот и безбедносните барања на Русија.

Денешната средба е трет директен разговор на двајцата лидери откако Бајден стана претседател во јануари. Очекување се дека овој разговор може да биде и најважен поради тоа што Вашингтон сака да ја одврати Русија од можна инвазија на Украина, а Кремљ, пак, бара гаранции дека поранешната советска република никогаш нема да стане членка на НАТО.

Руските новински агенции јавија дека состанокот, кој се одржува преку видео врска почнал, но не дадоа дополнители детали. Почетокот на состанокот го потврди и официјален Вашингтон.

Бајден, како што изјави вчера висок претставник на американската администрација на средбата ќе го предупреди Путин на тешки економски последици доколку Русија изврши инвазијата врз Украина.

Кремљ, пак, пред состанокот ја опиша состојбата на односите меѓу САД и Русија како „прилично жална“, наведувајќи дека не очекува напредок на состанокот на двајцата лидери. „Тешко е да се очекува пробив во преговорите“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека е малку веројатно дека ќе се направи нешто за билатералните односи за време на „неколкучасовните“ разговори.

Нови 375 заразени со ковид, пријавени 16 починати

Амбулантно возило во Скопје

Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје информира дека во последните 24 часа се направени се 2.744 тестирања, а регистрирани се 375 нови случаи на Ковид-19. Од нив најмногу во Скопје – 180, а потоа следуваат Прилеп – 30, Битола – 28, Кавадарци – 26, Куманово – 13, Велес – 12 и Радовиш – 11. Неколку други градови имаат по едноцифрена бројка новозаразени.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се девет починати лица.
Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој
Термин, пријавени се седум починати лица со датум на смрт од 22.11.2021 до 04.12.2021. Министерството информира дека починатите лица се на возраст од 44 до 82 години, од нив две се починати во домашни услови и пет лица се починати во болнички услови.

Во последното деноќие регистрирани сe 507 оздравени пациенти. Со овие бројки досега во земјата се направени вкупно 1.488.688 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид -дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 217.775, бројот на оздравени пациенти е 204.474, на починати е 7.674, а бројот на активни случаи изнесува 5.627.

Борел смета дека е бесмислена нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина

Брисел- косовскиот премиер Албин Курти и високиот претставник на Европската унија  за заедничка надворешна и безбедносна политика  Жозеп Борел, 7.12.2021

Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел изјави дека е „бесмислено“ да се организира нова рунда дијалог на највисоко политичко ниво меѓу Србија и Косово кога нема индиции дека страните се подготвени да напредуваат, јавува балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Јасно ставивме до знаење по двата состанока што се одржаа годинава дека подготвеноста на двете страни да се договорат за конкретни резултати е предуслов за следниот состанок. Би било сосема бескорисно да се организира уште една средба доколку овие услови не се исполнат“, рече Борел кој додаде дека според неговиот впечаток нема подготвеност на страните за договор.

Борел изјавата ја даде по средбата со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел. Двајцата присуствуваа на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската унија и Косово.

Прашан за подготвеноста на официјална Приштина да го спроведе договорот за формирање на Заедница на српски општини во Косово шефот на косовската влада Курти рече дека станува збор за договор кој „не го положил испитот пред Уставен суд на Косово“.

„Србија не спроведува две третини од бриселскиот договор, но Белград сака да спомене еден договор. Кога Уставниот суд ја донесе одлуката, ниту еден косовски Србин не протестираше, само Белград“, рече Курти.

Тој додаде дека „идниот дијалог меѓу Косово и Србија не треба да ги задоволува политичарите или да го зачува образот на еден политичар, туку да биде од корист за народот“. Курти оцени и дека „ договорот за формирање Заедница на српските општини му служи на Белград, а не на Србите на Косово, на кои тој им е и премиер“.

Во врска со ова реагираше шефот на европската дипломатија Борел кој рече дека не се согласува со изјавата на косовскиот премиер.

„Не се согласувам со вас дека одлуката на Уставниот суд го спречува спроведувањето на договорот. Овој договор беше постигнат во добар дух. Жал ми е, но мора да продолжиме да бараме имплементација на договорот“, рече Борел додавајќи дека постојат договори кои двете страни мора да ги спроведат.

На седницата на Советот за стабилизација и асоцијација се испитува колку се спроведени одредбите од пристапните преговори на одредена земја со Европската унија. Косово и ЕУ постигнаа Договор за стабилизација и асоцијација во 2015 година.

Меѓународните нуклеарни преговори со Иран продолжуваат во четврток

ИРАН - Иранско знаме во иранската нуклеарна централа Бушер, за време на официјалната церемонија за отпочнување на работите на вториот реактор во објектот, 10 ноември 2019 година

Разговорите меѓу светските сили и Иран во врска со контроверзната нуклеарна програма на Техеран ќе продолжат на 9 декември во Виена, јави полуофицијална иранска новинска агенција Тасним. Преговорите, чија цел е оживување на закочениот нуклеарен договор од 2015 година со кој Иран се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите, минатата недела влегоа во тежок почеток.

Соединетите држави, кои го напуштија договорот во 2018 година, додека со земјата раководеше претседателот Доналд Трамп, сега под раководство на претседателот Џо Бајден се отворени за повторно приклучување на пактот. САД го обвинија Иран дека не е сериозно заинтересиран за нов договор. И Германија, членка на групата земји кои го потпишаа првичниот договор на шести декември соопшти дека ги разгледала предлозите на Техеран за рестартирање на договорот и дека заклучиле оти Иран ги прекршил речиси сите компромиси до кои се дошло претходно, во месеците напорни преговори.

Предлозите „не беа основа за успешен крај на разговорите“, рече портпаролката на германското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека Берлин очекува Иран да се врати во меѓународните преговори со „реални“ преговарачки позиции.

Иран, кој одби да учествува во директни разговори со Вашингтон, рече дека не може да има нов договор доколку не се укинат сите казнени санкции наметнати против Техеран.

Ескобар- Во БиХ нема да има војна

Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар

Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска во Сараево изјави дека нема да има војна во Босна и Херцеговина, ниту армија на Република Српска.

„Тоа нема да се случи. Тоа еднаш го кажав и ќе повторам: Нема да има војна во БиХ. Ова не е 1991 година“, изјави Ескобар во интервју за сараевската телевизија Н1, кое подетално ќе се емитува вечерва.

На забелешката дека не се работи за војна, туку за армија на Република Српска, Ескобар рече дека ниту таа постои и никој не е заинтересиран за таква ескалација.

„Прво, не постои армија на Република Српска. Второ, имаме мировен мандат од Советот за безбедност на ОН. Никој не го интересира таква ескалација. Ниту Србија, ниту Хрватска, ниту Русија, никого. Она што треба да се направи, ако ги погледнеме вооружените сили, е како да се создадат способни вооружени сили кои ќе ги задоволат потребите на сите“, рече Ескобар.

Тој додаде дека „треба да се обезбеди функционирање на државата, со сите разлики меѓу сите нивоа на власт“.

Инаку ова е трет пат за еден месец Ескобар да доаѓа во БиХ. Тој го посети Сараево на 7 ноември, а потоа како дел од делегацијата предводена од специјалниот советник на американскиот државен секретар Дерек Чолет.
Американскиот политичар деновиве е на балканска турнеја. Вчера ја посети Македонија, а според најавите в четврток ќе оди во Албанија.

Минатата недела намален бројот на новозаразени и на смртни случаи од ковид19

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Во периодот од 29 ноември до 5 декември бројот на тестирани за Ковид19 е намален за 9,8 отсто, а бројот на новозоразени е намален за 17,3 отсто во однос на минатата недела, се наведува во денешната објава на Институтот за јавно здравје.

Според податоците на институтот процентот на позитивност се движи од 7,8 отсто до 19 отсто, односно просечно 13,1 отсто. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово. Најмногу новозаразени се лица на возраст над 60 години, а најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години.

Во извештајот се наведува дека се намалиле и реинфекциите, па пријавени се 40 луѓе кои со ковид се заразиле по втор пат, што е намалување од 9,1 отсто во однос на претходната недела.

„Пријавени се 68 смртни случаи во 18 градови во текот на изминатата недела, со намалување од 30,6 отсто во однос на претходната недела“, се наведува во анализата на Институтот за јавно здравје.

Мицкоски очекува идната недела почеток на преговорите со ЕУ

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Очекувам земјата да ги почне преговорите со Европската унија за нешто повеќе од една недела од денеска, затоа што тоа го заслужи не само поради реформите, туку едноставно, поради сето она што го направија македонскиот граѓанин и Македонија заслужија да има почеток на преговорите, изјави денеска во Штип лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Ние ги споделуваме тие вредности со ЕУ и навистина ова е крајно време ЕУ на дело да ги покаже своите вредности и да ги напушти оние хегемонистички барања на нашиот источен сосед коишто немаат никаква врска со европските вредности, туку тоа се едни барања коишто се можеби соодветни за 2-3 века во минатото, а не за два или три века во иднината“, рече Мицкоски.

Вицепремиерот за европски интеграции Никола Димитров, пак, минатата недела кажа дека за да не се разочараме, подобро да не очекуваме добар исход на Советот за општи работи на ЕУ кој треба да се одржи на 14 декември.

„Со оглед на краткиот период, имаме само неколку дена до Советот за општи работи мислам дека е крајно неодговорно какви било очекувања да создаваме тогаш“, рече Димитров.

Бугарија лани го блокираше македонскиот европски напредок со тврдење дека земјава не го почитува Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година.
Неодамна бугарскиот претседател Румен Радев рече дека инсистираат земјава да преземе конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, во државните и научните институции, во јавните медиуми, потоа да запре фалсификувањето на бугарската култура и историско наследство и особено да се почитуваат правата на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.

Литванија ја продолжи вонредната состојба на границата со Белорусија

Литванија - Оперативна база во близина на границата со Белорусија

Литванските пратеници ја продолжија вонредната состојба на границата со Белорусија и во камповите во кои се сместени мигранти кои пристигнале оттаму. Со мерката што денеска ја одобрија пратениците, вонредната состојба е продолжена до 14 јануари.

Целта на мерката е „спречување на можни провокации на граничните пунктови“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Литванија.

Европската унија, Соединетите Американски Држави и клучните западни сојузници дополнително ги проширија санкциите против политичката и економската елита на Белорусија поради анти-демократско однесување, кршење на правата и експлоатацијата на мигрантите од страна на режимот на Александар Лукашенко.

ЕУ почна со санкции кон Белорусија по спорниот реизбор на Лукашенко за претседател минатата година, а се засилени по инцидентите со илјадниците мигранти од Блискиот Исток кои се најдоа на границата на Белорусија со земјите членки на ЕУ – Полска, Литванија и Латвија.

Досега повеќе од 4.200 мигранти влегле во Литванија оваа година.

Белоруски извори рекоа дека илјадници мигранти биле вратени назад на Блискиот Исток.

Вучиќ утре ќе го соопшти решението за Законот за експропријација, протестите не запираат

Организаторите на еколошките протести во Србија најавуваат дека нема да запрат со протестите, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека е пронајдено решение за Законот за експропријација.

Саво Манојловиќ од иницијативата „Тргни – промени“, еден од организаторите на протестите, изјави дека нема да престанат додека не им се исполнат барањата за измени на Законот за референдум и за повлекување на Законот за експропријација.

Во соседна Србија изминатите недели се одржуваат протести против рударски потфат вреден повеќе милијарди долари, кој стана симбол на јавен отпор, бидејќи владејачката партија во Србија протурка закони што ќе го олеснат надминувањето на јавното противење на таквите проекти.

Парламентот кој крајот на ноември ги усвои измените на Законот за референдум и на Законот за експропријација, но Вучиќ го потпиша само Законот за референдум, а за Законот за експропријација најави ревидирање.

Тој денеска рече дека утре ќе ја информира јавноста за својот став во однос на Законот за експропријација, наведувајќи дека целиот пакет е во подготовка, се анализираат сите барања и дека е најдено решение.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG