Достапни линкови

Кампањата почна - Oва е референдум, а не избори


Со конкретни активности во неколку општини коалицијата „Заедно за европска Македонија“ ја почна кампањата за поддршка на реферeндумот. ВМРО-ДПМНЕ уште не кажува каква кампања ќе води. Аналитичарите очекуваат културна и едукативна кампања, која ќе им помогне на луѓето добро да се информираат.

Со граѓански собир во Штип на кој ќе му претходи отворена трибина во Кочани на која ќе учествува премиерот Зоран Заев, коалицијата „Заедно за европска Македонија“ денеска и официјално ја започнува кампањата за поддршка на референдумот. Потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски, пак, ќе учествува на граѓанска трибина во општина Ѓорче Петров. Од координативното тело на коалицијата велат дека кампањата ќе се одвива преку секојдневни трибини низ целата држава, а ќе се одржат и неколку големи митинзи.

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се уште нема став за тоа дали и каква кампања ќе водат.

Укажувајќи на тоа дека постои разлика меѓу избори и референдумско изјаснување, упатените не очекуваат негативна кампања во која ќе преовладуваат лични навреди и остра реторика на политичките противници.

Во неделното интервју за радио Слободна Европа, Дарко Алексов, извршен директор на МОСТ објаснува дека се работи за два различни концепти.

Кога имаме избори гласаме за личности, политички опции, табори, независни кандидати, роднини, пријатели и сл. Кога станува збор за референдумско изјаснување, тука немаме политичка опција. Тука имаме две едноставни опции, за или против. Сите оние кои се дел од тој процес кој се разбира не може да помине без политичките партии, имаат за задача на граѓаните наједноставно и најпрецизно да ги информираат за сите аргументи зошто би требало да гласаат за или против и адекватно на тоа граѓаните информирано да излезат и да гласаат според сопствено убедување и сопствена волја“, вели Алексов во интервјуто кое ќе го емитуваме во недела.

Универзитетскиот професор Никола Дујовски очекува мирна кампања во која како што вели ќе преовладува умерена пропаганда. Кампањата за поддршка на референдумот на парламентарното мнозинство и владата ќе се води паралелно со кампањата на Европската унија, а ќе биде насочена кон објаснување на придобивките на земјава од зачленувањето во ЕУ и НАТО, вели Дујовски.

„Овојпат бидејќи не станува збор за избор помеѓу лица кои ќе ги претставуваат во парламентот или во локалните власти, не очекувам дека ќе биде остра, односно не очекувам реторика со лични навреди. Повеќе очекувам ВМРО-ДПМНЕ ако воопшто се вклучи во некаква кампања, да зборува за негативните страни на договорот и да не се насочува кон поединци коишто го склучиле договорот или биле вклучени во тој процес. Затоа ценам дека овојпат ќе имаме многу мирна и многу умерена пропаганда“, вели Дујовски.

Алексов порачува дека е исклучително важно граѓаните добро да се информираат и да го искористат своето право на глас. Една од граѓанските обврски е да бидеме активни граѓани и да учествуваме во процесот на донесување одлуки, а ова, според Алексов, е една многу важна одлука од која како што вели ќе зависи како ќе се развива државата во следниве десеттина години.

Голем дел од граѓаните би излегле на референдум
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:50 0:00

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG