Достапни линкови

Гравирањето надгробни споменици - тешка физичка и емотивна работа


Надгробен споменик изработен од Љубомир Михајловски од Тетово.

Освен тешката физичка работа која бара длабење на гранитни плочи со соодветен алат, потребна е и квалитетен уметнички израз при изработката на надгробни споменици, вели Љубомир Михајловски од Тетово, кој изработува надгробни споменици.

Љубомир Михајловски од Тетово е меѓу ретките луѓе кои во цела Македонија имаат невообичаена професија - уметник кој ги изработува ликовите на надгробните споменици кај починатите православни христијани. Освен тешката физичка работа која бара длабење на гранитни плочи со соодветен алат, потребна е и квалитетен уметнички израз.

„Се работи за неколку фази, се вади слој од слој од самиот гранит да се дојде до самата слика. Значи прво се копира сликата со индиго. Се земаат главните црти и почнувам да работам со дијамантски игли, бидејќи само дијамантски игли го стружат гранитот. Како што се оди внатре во гранитот, гранитот доаѓа посветол, со тоа се прават и сенките. Физичката работа тука е во издржливоста, бидејќи најмалку 3-4 часа треба да се работи на самата плоча. Со тоа што рацете ти се горе, работиш, клекнуваш па стануваш. Тоа е физичката работа. Уметничката работа е до мајсторот, да го долови ликот, односно карактерот на самиот починат“, вели тој.

Во оваа работа постои и емотивно оптоварување поради потребата од комуникација со ожалостеното семејство. На почетокот Љубомир потешко се снаоѓал со емотивните реакции на роднините на починатите, но утврдил потреба да биде стабилен во комуникацијата. Блиските се во жалост и деконцентрирани, па уметникот треба да биде поприсебен за точно да се договори што сака семејството да има гравирано на плочата, објаснува Љубомир.

„Луѓето нарачуваат слики различни. На пример ако некој бил хармоникаш да речеме, со хармоника. Зависи што им е по желба, тоа им се изработува. Се изработуваат и цели слики, буквално цел, колку што собира самата плоча. Така да и од далеку се гледа на самите гробишта кога се оди, се гледа споменикот каде е, што има на него“, рече Љубомир.

Луѓето се одлучуваат да го има нацртано ликот на покојникот на плочата поради долготрајност на гранитот или мермерот, кои се најчесто употребувани за надгробни споменици.

„Лично мене кога би ме прашале што е подобро. Подобро е оваа слика зошто оваа слика останува трајна слика, не може да се оштети, освен механички да се искрши, мермер или така. Затоа е потрајна, нормално сега, потешка е за изработка. Има слики од седумдесеттите години до сега исто како да се денеска направени“, вели тетовскиот уметник Љубомир Михајловски.

XS
SM
MD
LG