Достапни линкови

Многу оџаци, а малку оџачари


Само десет оџачари се пријавиле на јунскиот оглас за обука, иако според проценките, на Скопје му требаат најмалку 150. Упатените предупредуваат дека недостига поголема свесност за редовно одржување на оџаците, кои пак се една од причините за пожари и високата аерозагаденост.

„Да се биде оџачар, воопшто не е едноставно. Професијата е ризична, се работи на секакви временски услови, со опасни материи, но и покрај се оџачарството е хумана професија и дејност од посебен општествен интерес," вели Ѓоко Поповиќ, управител на Претпријатието за комунални услуги „Оџаци“. За жал, земјата се соочува со дефицит на оџачари, а иницијативата на град Скопје да финансира тримесечни обуки за нови оџачари не наиде на задоволителен одѕив. Откако на јунскиот оглас за оџачари се пријавиле само десет лица, во тек е втор оглас, па сите кои се невработени, а сакаат да станат оџачари можат да се пријават во центрите за вработување до 23 -ти јули.

„Самите услови за работа прават интересот да биде слаб за оваа професија. Ретко кој сака да биде извалкан, да работи на дожд, снег, сонце и веројатно затоа во денешно време младите и повозрасните избегнуваат физичка работа и се насочуваат кон нешто поразлично,“ вели Поповиќ, според кој, една од причините зошто нема кандидати за ова работно место е и тоа што нема соодветно образование за оваа струка.

Поповиќ вели дека поголемите плати во оџачарството би повлекле зголемување на цените на услугите во оваа дејност. Но, она што според него, загрижува е недоволната свест кај поголемиот дел од граѓаните да ги одржуваат оџаците во своите домаќинства.

„Многу тешко обрнуваме внимание на тоа редовно да се одржуваат оџаците. Тоа секогаш кај нас е кога ќе настане проблем. Само 1 процент од граѓаните се еснафи луѓе кои си ги одржуваат оџаците, кои според закон треба да се чистат три пати неделно,“ вели Поповиќ, потенцирајќи го фактот дека неисчистените оџаци се еден од причинителите на пожари, како и на високо загадување на воздухот.

Инаку, обуката за оџачари ја плаќаат градските власти и ќе трае три месеци. За тоа време, практикантите ќе добиваат и плата од 9.000 денари. Откако ќе станат лиценцирани оџачари, сите кандидати ќе добијат основни материјали за да си започнат сопствен бизнис.

Скопје има само 8 регистрирани оџачари, 45 отсто од домаќинствата во градот се греат на дрва, а околу 60 000 оџаци не се чистат редовно. Домаќинствата што се греат на дрва учествуваат со 30 отсто во вкупното загадување на воздухот во градот, а според упатените, неисчистените оџаци загадуваат двојно повеќе во споредба со исчистените. Град Скопје неодамна апелираше граѓаните да ги користат услугите на лиценцираните оџачари и најави дека ќе се субвенционира и чистењето на оџаците, за што во буџетот на градот се предвидени 10 милиони денари.

XS
SM
MD
LG