Достапни линкови

Големо невреме во Грција, третина од Халкидики под вода


Илустрација

По поројните дождови повеќе делови од Грција се поплавени, а ситуацијата е најлоша во делови од полуостровот Халкидики и во пошироката област на Атика. На Халкидики најмногу проблеми има на кракот Ситонија, каде се поплавени куќи и голем број други објекти, јави дописникот на МИА.

Во Никити на Ситонија поплавени се патиштата што предизвика проблеми во сообраќајот. Реката Агиос Николаос се излеа од коритото. Евакуирани се гости од неколку хотели додека десетина автомобили се оштетени. Надојдената вода по улиците во Никите однесе и еден автомобил во морето. Двајцата патници кои биле внатре не се повредени.

Во делот на Ситонија кај Неос Мармарас нема големи последици од поројните дождови.

Невремето ја погоди и областа Тесалија каде се поплавени 50-на куќи додека неколку патишта се под вода. Поплавите ја погодија и Лариса. Заменикот градоначалник Василис Лециос изјави дека во областа има голем број оштетени улици и патишта.

Голем дел од плажите на грчкиот остров Евија се под вода, јави грчката државна телевизија. Особено сериозна е ситуацијата во Мандра во западниот дел на областа Атика во поширокиот регион на Атина, каде што во ноември минатата година во поплавите, животот го загубија над 20 лица. Противпожарната служба интервенираше за да спаси граѓани заглавени во нивните автомобили, но и на нивните тераси.

Стариот автопат Атина-Коринт од вчера е затворен за сообраќај.

Врнежите запреа, па се очекува дека ситуацијата ќе се стабилизира.

XS
SM
MD
LG