Достапни линкови

Влада – Претседателот Иванов го прекина и напушти состанокот со Заев и Димитров


Претседателот Ѓорге Иванов се сретна со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Никола Димитров на кој тие требаше да му го презентираат договорот со Грција

Премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска му го доставија договорот за решение за спорот со името на претседателот Ѓорге Иванов.

„Премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров имаа конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекина и напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина“, се наведува во владиното соопштение.

Владата наведува дека ги повикува сите политички фактори да се обединат околу националните приоритети и да дадат поддршка за просперитетот на граѓаните и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ.

Во соопштението од Кабинетот на Претседателот, пак, се наведува дека Иванов ги примил Заев и Димитров.

„Информираме дека средбата траеше две минути“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Претседателот.

Во соопштението се наведува дека во текот на денешниот ден претседателот Иванов ќе има обраќање до македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.

XS
SM
MD
LG