Достапни линкови

Собранието ќе расправа за реконструкција на Владата


Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 49. седница на чиј дневен ред се избор на нови министри и заменици министри во Владата, како и предлог-одлуката за распишување оглас за членови на Државната изборна комисија.

Премиерот Зоран Заев до Собранието минатата недела достави предлог за нови министри според кој, за нова министерка за правда се предлага Рената Дескоска, за министер за образование и наука Арбр Адеми, за култура Асаф Адеми и за министер без ресор Бардил Даути.

За заменик министер за надворешни работи е предложен Андреј Жерновски, за заменик министер за здравство Асим Муса, за заменик министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и за транспорт и врски Садик Беќири.

Како нови коалициски партнери во Владата влегуваат крилото на Беса на Африм Гаши и ДПА, кои имаат министерски места, како и Сојузот на Ромите.

Новите министри треба да бидат избрани до полноќ. Доколку изборот биде претходно, Собранието ќе пристапи кон избор на замениците министри. Во спротивно, можно е седницата да продолжи утре.

Согласно со измените на Изборниот законик, во рамките на 49. седница пратениците треба да ја изгласаат и одлуката за оглас за избор на членови на ДИК. Според измените, тие ќе се бираат по стариот модел. Огласот ќе трае осум дена, по што партиите треба да се изјаснат за пријавените кандидати. Претседателот на ДИК треба да биде од редот на опозицијата.

XS
SM
MD
LG