Условот на Беса, Трамп и Ким договараат датум, Аерозагадувањето урива смртоносни рекорди, Гибсон банкротираше...
Настаните на денот низ фотографии - 2 мај 2018 година.
1МАКЕДОНИЈА - Собранието на 45. седница ги донесе Законот за високото образование. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев рече дека нема да гласаат за Законот за високото образование бидејќи не бил прифатен ниеден од амандманите што ги поднеле. Законот предвидува посебно тело за евалуација на квалитетот на високото образование и посебно тело за акредитација.
2МАКЕДОНИЈА - Движењето Беса предводено од Биљал Касами во преговорите за влез во Владата побарало да предводи едно од министерствата. Пратеникот на Беса, Фадил Зендели изјави дека Касами и во понеделникот имал средба со премиерот Зоран Заев на која му го соопштил барањето. Според Зендели, неделава треба да следува нова средба на која треба да се разговара за ресорите и за евентуалните имиња.
3ГРЦИЈА / МАКЕДОНИЈА - Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за телевизијата Скај изјави дека правилно направиле што го отвориле прашањето за ерга омнес, но и да не постои договор, тие нема да бидат виновни, а тоа го знае и вселената.
4САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека до крајот на неделава ќе бидат објавени датумот и местото на неговиот состанок со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Претходно Трамп рече дека состанокот би можело да се одржи кон крајот на мај и почетокот на јуни и оти би можел да биде во демилитаризираната зона која ги дели двете Кореи. Како можна локација се разгледува и Сингапур.