Достапни линкови

Сложени прашања во сложени времиња


Митко Арнаудов
Митко Арнаудов

Прашањето за името, прашањето за идентитет на македонскиот народ и прашањето за македонскиот јазик со децении се отворени. За економските прашања воопшто не смееме ни да зборуваме, пишува Митко Арнаудов, уредник на надворешната рубрика во магазинот Српска економија, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Предизвиците во македонската држава никогаш не стивнуваат. Исто како и пред повеќе од 26 години, односно времето кога се стекнуваше независност. Се чини како оваа држава воопшто да не се движела во периодот од четврт век. Тешките прашања и понатаму стојат на масата. Прашањето за името, прашањето за идентитет на македонскиот народ и прашањето за македонскиот јазик. За економските прашања воопшто не смееме ни да зборуваме, затоа што граѓаните на оваа држава и онака се оставени на работ на опстанокот.

Многу се ветуваше во предизборните агенди, ама многу малку се реализира. Всушност животот на македонските граѓани и понатаму е под знак на прашалник. Актуелната власт е посветена кон градење на својот имиџ пред таканаречениот меѓународен фактор. Додека интересите на граѓаните, како и секогаш, и денес се во втор, или трет план.

Преговорите со Грција се интензивираат. Додека грчката страна гради сè поширок политички консензус во однос на прашањето за името, македонските политичари и понатаму дејствуваат по принципот од денес за утре, или од состанок до состанок. Во однос на ова прашање тивка е и опозицијата. Ниту претседателот, кој е од де факто од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не ги коментира актуелните текови во преговарачкиот процес. Остана само да се дознае кој ќе биде новиот идентитет на македонскиот народ и како во иднина ќе се нарекува македонскиот јазик. Затоа што и онака граѓаните за ништо не се прашуваат.

Никој не знае кој ќе ја плати цената за членството во НАТО. Ако ги земеме предвид државите кои се веќе дел од Алијансата, на крајот излегува дека Република Македонија ќе ја плати највисоката цена за членство. Барем ако се продолжи во овој правец. Властите во Атина се цврсти дека взаемно прифатливото решение води кон промена на македонскиот Устав, додека македонските политичари зборуваат само за суштински тешките прашања во преговорите.

На внатрешен план состојбата е повеќе од загрижувачка, барем ако зборуваме за демократска држава. Никој од претставниците на власта не грижи за отсуството на опозицијата во собранието. Иако и тие истите беа долги години надвор од рамките на собранието, се чини дека не ја научиле лекцијата за тоа дека еден од основните услови за функционирање на демократскиот систем е пред се развиена собраниска дебата помеѓу партиите од власта и од опозицијата. Секој си прави онака како му одговара. Додека во сето ова „македонско бунило“ законот за јазиците лебди некаде во воздухот. Ниту изгласан во согласност со собраниските процедури, ниту потпишан од Претседателот на државата. Чуден организам е оваа македонска држава. Или се чудни само политичарите?

Каде е крајот на тунелот и почетокот на светлоста на денот? До кога македонските граѓаните треба да бидат заложници на актуелните политичари? Зарем гласот на македонскиот граѓанин е толку нечуен? Автопати изградени, но и понатаму затворени, дислокација на веќе поставените споменици, Комисии за недвижностите од Проектот Скопје 2014, кој со што се занимава, македонските политичари со минатото и политичкиот реваншизам.

А економијата? А ветената плата од 30 илјади денари или популарно наречената плата од 500 евра? Зарем толку брзо се заборава? Илјада и еднo прашање во тековите на македонската држава, а ниту еден конкретен одговор или решение. Граѓаните како да се во еден лавиринт. Не се знае ниту почетокот, ниту крајот на овие перипетии. Европската унија и македонската перспектива за членство во неа е сè подалеку. Членството во НАТО е сега главната игра во градот. И тоа без никаков обзир кон минатото, историјата и традицијата. Без никакви чувства, политички доблести и дипломатски манири се распродава се што е стекнато. Спремност за промена на името, идентитетот и јазикот во секој момент. Ама тука не се завршуваат работите. Туку дополнително се докажува неспремноста на македонските политичари да водат една суверена и мала држава. И за сето ова не е виновен никој од меѓународните претставници, а уште помалку грчката страна. Тие само го застапуваат она што за нив претставува државен интерес. Суштината на проблемот лежи внатре, во македонската држава, во канцелариите на власта и опозицијата. Затоа што тие немаа ниту ќе имаат капацитети за водење на држава и за управување со државничките интереси. Сето друго е продавање магла на македонските граѓани.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG