Достапни линкови

МВР: Откриени шест закани кон премиерот преку социјалните мрежи


Илустрација

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи во изминатиот период документирал и процесуирал триесет случаи во кои, преку социјалните мрежи, на носители на државни функции во Македонија, им била загрозена сигурноста, како и случаи каде што се злоупотребени нивните лични податоци, информираат денеска од МВР.

Во соопштението се наведува дека за сите случаи изготвени се Известувања до надлежен Јавен обвинител при Основното јавно обвинителство Скопје за да се утврделе елементи за сомнение за кривични дела што се гонат по службена должност од областа на компјутерскиот криминал.

„Како покарактеристични случаи се детектирани шест кривични дела за закани кон претседател на Владата на РМ, истите се документирани, со соодветни известувања до ОЈО и обезбедени наредби до социјалната мрежа “Фејсбук“. Притоа од посочените шест кривични дела откриено е лице кое се сомничи за сторено кривично дело - “загрозување на сигурност“, а се однесува на регистирана објава на еден македонски веб портал, по претходно објавена статија на социјалната мрежа “Фејсбук“, која што во вид на закана е упатена до претседателот на Владата на РМ“ информираат од полицијата.

Од таму наведуваат и дека во случајот осомничениот за кривичното дело бил откриен во координација со Секторот за меѓународна полициска соработка, со социјалната мрежа “Фејсбук“, со Интерпол-Берн (Швајцарија) и еден интернет провајдер од Швајцарија, а по целосното документирање на случајот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното ОЈО.

Министерството за внатрешни работи на ист начин постапува по сите доставени пријави за закани за загрозување на безбедноста и сигурноста на сите граѓани, наведуваат од МВР.

XS
SM
MD
LG