Достапни линкови

Протест и контрапротест за „Македонија“ во Атина


Под силни безбедносни мерки, со затворени улици и метро станици на плоштадот Синтагма пред грчкиот парламент, денеска ќе се одржи долго најавуваниот протест во Атина, јавува МИА. Грците, според најавите масовно „ќе го бранат името Македонија“. Од сите краишта на земјата, организирани со автобуси, бесплатно или по цени со 50 отсто попуст, се очекува да пристигнат во „еднодневна екскурзија“ во грчката престолнина.

„Солун кажа, на ред е Атина да извика: Македонија е една и грчка“, порачаа организаторите на протестот во видео повикот, објавен на социјалните мрежи, а уште од завчера започнаа со подготовките на Синтагма.

Според изјавите на организаторите за грчките медиуми, процените се дека денеска на собирот ќе има најмалку 1 милион граѓани. На присутните или лично или преку снимена порака со поздравен говор ќе им се обрати познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, а говорници ќе бидат и професор по уставно право, тројца митрополити од ГПЦ и претставници на организаторите.

Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од само 800 метри, анархистите подготвуваат контра протест, односно антифашистички собир. Официјалниот почеток е закажан за 12 часот, два часа порано од оној за „Македонија“.

Двата протеста, според медиумите во Грција, го вклучија алармот во грчката полиција. Постои страв, загриженост, но и зголемена раздвиженост кај полицијата за да се избегнат евентуални инциденти.


XS
SM
MD
LG