Достапни линкови

Харадинај алудира на странска вмешаност во убиството на Ивановиќ


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај алудира дека убиството на локалниот српски политичар Оливер Ивановиќ било резултат на „незаконско мешање во северниот дел на Косово од страна на странски институции“. Тој одржа прес-конференција по вонредната седница на Советот за национална безбедност на Косово, свикана по вчерашното убиство на Ивановиќ во Косовска Митровица. Харадинај не соопшти детали кои надворешни сили ги обвинува за вмешаност во убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“. Косовскиот премиер истакна дека ја разгледува можноста да побара професионална помош во истрагата и од американскиот ФБИ, но го отфрли српскиот повик да учествува во неа. Харадинај го осуди убиството на Ивановиќ и побара ова злосторство да не се користи за разни политички цели. Косовскиот премиер додаде дека убиството на Ивановиќ е изолиран случај и ситуацијата на Косово е стабилна и мирна. „Тоа не значи дека не постои опасност од можни терористички напади“, изјави Харадинај.

XS
SM
MD
LG