Достапни линкови

Во Белград средба на Вучиќ, Ципрас, Борисов и Тудосе


Белград-премиерите на Романија, Бугарија и на Грција и претседателот на Србија на средба,09.12.2017

Српскиот претседателот Александар Вучиќ денеска во Белград им е домаќин на премиерите на Грција, Алексис Ципрас, на Бугарија, Бојко Борисов и на Романија, Михај Тудосе, во рамките на Високиот совет за соработка меѓу четирите држави. Се очекува на состанокот четворицата лидери да разговараат за заедничките проекти, економската соработка и европската перспектива на Србија, имајќи го предвид престојното претседавање на Бугарија со ЕУ.

Српските медиуми оценуваат дека станува збор за клучен состанок за иднината на регионот, на кој најмногу внимание ќе се посвети на енергетската безбедност, унапредување на соработката за сообраќајното, инфраструктурното и енергетското поврзување, како клучни чинители за привлекување на инвестиции и за забрзан економски развој на регионот.

Говорејќи за денешниот состанок Вучиќ истакна дека тој е важен за политичката, воената и енергтската безбедност на регионот. Состанокот во Белград е договорен за време на претходната средба на четворицата лидери во октомври во Варна.

Повод за нивната средба тогаш беше договорот меѓу Ципрас, Вучиќ и Борисов од јули во Солун, кога е предложено „инфраструктурно поврзување на земјите од Источниот Балкан“. Во Варна, на состанокот „еден плус три“, претседателот на Србија и премиерите на Грција, Бугарија и на Романија разговараа за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата и енергетиката, а клучен договор беше бугарско-грчкиот проект „Од море-до море“ да добие два нови крака - едниот кон Србија и вториот кон Романија.

XS
SM
MD
LG