Достапни линкови

Побарано апсење на поранешната аргентинска претседателка


Федерален судија денеска побара од Горниот дом на аргентинскиот парламент да дозволи апсење и судење на поранешната претседателка Кристина Фернандез.

Таа е обвинета за предавство и за наводно прикривање на улогата на Иран во бомбашкиот напад врз Еврејскиот центар во Буенос Аирес 1994 година.

Казната за предавство е од 10 до 15 години затвор, а за прикривање на злосторството шест години затвор.

Фернандез и другите обвинети постојано ја отфрлаат одговорноста за прикривање во врска со најстрашниот терористички напад во историјата на Аргентина во кој загинаа 85 луѓе, а стотици беа ранети. Истрагата поврза поранешни ирански функционери со нападот, но Иран ја отфрли поврзаноста и одби да ги екстрадира осомничените.

Судијата бара од пратениците да ѝ го укинат имунитетот од кривично гонење на Фернандез откако таа минатата недела положи заклетва како сенаторка. Таа беше претседателка од 2007 до 2015 година. Истовремено е наредено апсење на неколкумина нејзини соработници и помошници, додека поранешниот министер за надворешни работи Ектор Тимерман е во домашен притвор.

XS
SM
MD
LG