Достапни линкови

Москва: Радио Слободна Европа и Гласот на Америка „странски агенти“


Руското Министерство за правда издаде соопштение во кое се наведува дека Радио Слободна Европа и Гласот на Америка се „странски медиуми кои вршат функции на странски агент“.

Рускиот предлог-закон со кој владата може да назначи странски медиум за „странски агент“ брзо помина низ парламентот и беше потпишан од рускиот претседател Владимир Путин на 25-ти ноември. Руски официјални лица изјавија дека законот е „симетричен одговор“ на тоа што американските власти го обвинија рускиот телевизиски канал РТ, финансиран од државата за ширење пропаганда, и побараа да се регистрира како странски агент.

Официјални претставници на САД велат дека акцијата не е симетрична, тврдејќи дека законите на САД и Русија се различни и дека Русија го користи своето законодавство за „странски агенти“ за да го замолчи несогласувањето и да ја обесхрабри слободната размена на идеи.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, на 4-ти декември рече дека медиумите назначени како странски агенти нема да бидат лишени од нивната акредитација во Министерството и дека ќе можат „да ги продолжат новинарските активности во Русија мирно и без никакви пречки“. Хјуман рајтс воч го осуди руското законодавство како „напад врз слободата на медиумите“.

XS
SM
MD
LG