Достапни линкови

Во Хондурас полициски час поради изборната криза


Протести во Хондурас по изборите.

Властите во Хондурас најавија полициски час и укинување на некои уставни права на граѓаните за безбедносните сили да може да ги спречат нередите поради изборната криза во земјата, откако двајцата кандидати на претседателските избори прогласија победа, а броењето на гласовите влегува во шестиот ден.

Кандидатот на левичарската опозиција Салвадор Насрала изјави дека не ги признава резултатите, обвинувајќи ја изборната комисија за манипулација. Досегашниот претседател Хуан Орландо Ернандес води со мала разлика на изборите. Изборната комисија до вчера изброи 95 отсто од гласовите, а броењето од над 1000 спорни кутии, каде се забележани неправилности, ќе се врши рачно, објави Асошиејтед прес.

Прелиминарните резултати покажуваат дека Ернандес води со 46 илјади гласови. Демонстрантите, во очекување на изборните резултати, со судрија со полицијата, која употреби солзавец, водени топови и шок бомби. Според полицијата, биле повредени најмалку 12 луѓе. Група демонстранти со запалени гуми и друг отпад го блокираше автопатот.

Во указот потпишан од досегашниот претседател се наведува дека уставните права на граѓаните ќе бидат суспендирани 10 дена за да им се овозможи на војската и полицијата да ја стават ситуацијата под контрола. Полицискиот час ќе трае од 6 наутро до 18 часот попладне. Ова се десетти претседателски избори во Хондурас од обновата на демократијата во 1980 година, после речиси две децении воен режим.

XS
SM
MD
LG