Достапни линкови

Повторно одложено рочиштето за „Триста“


Обвинителите од СЈО, Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи. Архивска фотографија.

Во Кривичниот суд денеска повторно беше одложено рочиштето за предметот на СЈО „Триста“, во кој обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавна набавка на 300 возила. Новото рочиште е закажано за 28 декември.

Денеска требаше да биде сослушан докторот кој му ја издал дијагнозата на Поповски, како и независен судски вештак од областа на психијатријата за да се утврди дали обвинетиот може да ги следи судските рочишта. Поповски на рочиштето доставил и ново боледување. За да може да се произнесат по медицинската документација на Поповски, докторите од судот побарале дополнително време за да направат анализа.

Досега судењето беше одлагано два пати, бидејќи Поповски не доаѓаше во судот, а како причина за неговото отсуство се наведуваше неговата влошена здравствена состојба. На последното рочиште на кое присуствуваше Поповски, неговиот адвокат Боро Тасевски потенцираше дека обвинетиот дошол во судницата само заради сомневањата во врска со неговата здравствена состојба.

Поповски се сомничи дека го оштетил буџетот за 453 илјади евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.

XS
SM
MD
LG