Достапни линкови

Собранието им го укина имунитетот на пратениците осомничени за „27 април“


Архивска фотографија: Пратеникот Крсто Мукоски

Собранието денеска изгласа симнување на имунитетот на шестмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, откако судија на претходна постапка претходно побара симнување на нивниот пратенички имунитет заради одредување на мерка притвор како осомничени за насилствата во Собранието на 27 април. Нивните колеги изгласаа симнување на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, и Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ и на Љупчо Димовски од Социјалистичката партија на Македонија.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нема да учествува на седницата, нарекувајќи ја „политичка фарса, чија единствена цел е реваншизам, сеење омраза и уништување на сите оние кои што мислат различно“.

На седницата присуствуваа 67 пратеници со беше создаден кворум. За имунитетот на сите шестмина пратеници се гласаше поединечно.

Седницата траеше кратко. Зборуваа само координаторите на пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ, Томислав Тунтев и Артан Груби за да образложат зошто ќе гласаат за.

Пратениците на кои им беше укинат имунитетот ќе останат на пратеничката функција.

Шестемина пратеници се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните во Собранието од 27 април годинава.

XS
SM
MD
LG