Достапни линкови

Градоначалникот Кан бара откажување на посетата на Трамп на Лондон


Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, побара откажување на планираната државна посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Велика Британија, поради неговото споделување на објава од британска крајно десничарска организација на Твитер. Кан денеска рече дека Трамп промовира „дива, екстремистичка организација“ и оти неговата официјална посета на Велика Британија „нема да биде добредојдена“.

Трамп вчера на Твитер сподели запалива и непотврдена видео снимка од британската крајно десничарска организација „Британија на прво место“, со намера да го прикаже насилството од страна на муслиманите. Кан го обвини Трамп дека ги предал „посебните односи“ меѓу Велика Британија и САД со споделување на тие видео снимки. Голем број британски политичари побараа откажување на посетата. Лидерот на опозициските либералдемократи Винс Кејбл рече дека неговата партија ја поддржува онлајн петицијата до премиерката Тереза Меј да ја повлече поканата до Трамп за посета на Велика Британија.

Трамп, пак, синоќа пркосно реагираше откако портпаролот на Меј рече дека американскиот претседател „згрешил“ што ја споделил објавата со видео снимките.

„Тереза, не се фокусирајте на мене, фокусирајте се на деструктивниот радикален исламски тероризам што се случува во Обединетото Кралство. Нам ни оди добро“, напиша Трамп на Твитер.

XS
SM
MD
LG