Достапни линкови

Праљак испил „смртоносна хемикалија“, ќе има обдукција


Првичните анализи покажуваат дека шишенцето кое го испи хрватскиот воен злосторник Слободан Праљак вчера во Хашкиот суд содржело смртоносна хемикалија, соопшти денеска холандското обвинителство, но не прецизира за каква хемикалија се работи. Врз телото на Праљак ќе биде извршена обдукција, но не се прецизира кога ќе се изврши.

Холандското обвинителство истражува како Праљак успеа да се самоубие во Хашката судница испивајќи шишенце со отров, кое го прошверцувал во судницата.

По потврдувањето на затворската казна од 20 години за воени злосторства во Босна и Херцеговина, 72-годишниот Праљак вчера рече дека не е воен злосторник и ја отфрла пресудата по што се напи нешто од кафеаво шишенце. Босанскиот Хрват Праљак почина подоцна во болница и покрај напорите на лекарите да го спасат, вели портпаролот на Хашкиот суд.

Холандското обвинителство го прогласи судот за место на злосторството и отвори истрага за каков отров се работи и дали имал помош од надвор за набавување на отровот.

„Засега истрагата се фокусира на помагање при самоубиство и прекршување на Законот за лекови“, објави синоќа обвинителството.

Праљак, кој е поранешен командант на босанските Хрвати, беше осуден за злосторства во „Херцег-Босна“, хрватски ентитет во Босна и Херцеговина за време на војната во 90-тите години од минатиот век.

XS
SM
MD
LG