Достапни линкови

Заев- Македонија добива поддршка од Унгарија за евроатлантските интеграции


Будимпешта-Премиерите на Македонија и на Унгарија Зоран Заев и Виктор Орбан,28.11.2017

Премиерот Зоран Заев на маргините на Самитот на шефови на влади на источна и централна Европа за соработка со Кина, имал средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан, соопшти владината прес служба. Како што се наведува во соопштението, македонскиот премиер на својот унгарски колега му го претставил планот за реформи именуван 3-6-9, го нагласил инсистирањето на соработката со опозицијата за сите крупни и позначајни прашања битни за евроатлантските интеграции на Македонија и му се заблагодарил во име на владата за поддршката на Унгарија во обезбедувањето на јужна граница со Грција во однос на мигрантската криза. Двајцата пак оцениле дека Македонија и Унгарија имаат одлични односи и дека ќе настојуваат и понатаму да ги унапредуваат во сите области.

„Унгарскиот премиер нагласи дека неговата земја, како и досега, ќе продолжи со својата поддршка кон Република Македонија во евроатлантските интеграции. Економската соработка е во подем, истакна премиерот Орбан, и додаде дека Унгарија ќе продолжи да ги стимулира своите компании да инвестираат во регионот на Западен Балкан“ се наведува во владиното соопштение.

Премиерот Орбан нагласил и дека треба да се искористи периодот за време на бугарското претседавање со ЕУ и особено личната заложба на премиерот Борисов за интензивирање на интеграцијата на земјите од западен Балкан во ЕУ.

Заев, како што се наведува, бил придружуван од вицепремиерот за економските политики Кочо Анѓушев, државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски и амбасадорот на Република Македонија во Унгарија, Игор Есмеров, а Орбан на средбата бил со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

XS
SM
MD
LG