Достапни линкови

Ердоган - Трамп и јас сме на иста бранова должина


Турскиот претседател Реџеп Tаип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Tаип Ердоган изјави дека телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, прв по подолго време, покажал дека лидерите на Турција и САД се на иста „бранова должина“.

Двајцата претседатели минатата недела разговараа за кризата во Сирија и другите блискоисточни прашања, но и за односите меѓу Анкара и Вашингтон.

Ердоган најави натамошни разговори за прашањата кои, меѓу другото, се однесуваат на курдските сили во Сирија поддржани од САД, а кои Турција ги смета за терористи и за следбениците на проповедникот Фетулах Ѓулен.

Турски функционери минатата недела соопштија дека во телефонскиот разговор, Трамп му рекол на Ердоган дека САД ќе запре да ги снабдува со оружје курдските борци во Сирија.

Сепак, Белата куќа и Пентагон вчера соопштија дека ќе го разгледаат директното испраќање оружје на сириските Курди, но дека соработката со нив ќе продолжи.

Во изјава за новинарите по говорот во Парламентот, Ердоган истакна дека соопштението на Пентагон ќе биде дискутирано денеска во турскиот Национален совет за безбедност.

Ердоган уште истакна дека Трамп најавил уште еден телефонски разговор до крајот на неделата.

„Ако не се јави тој, ќе му се јавам јас“, рече Ердоган.

XS
SM
MD
LG