Достапни линкови

Филмска потера по нарко-дилери во Егејското Море, запленети 1,6 тони марихуана


Илустрација: Марихуана

Околу 1,6 тони суров канабис беше запленет, 10 лица се уапсени, а неколку припадници на грчката крајбрежна служба беа полесно повредени во големата акција на грчките власти за разбивање на меѓународна мрежа за трговија со дрога.

Акцијата, која траеше 48 часа, започна во Јонското, а заврши во Егејското Море. Дилерите, со глисер тргнале од албанското крајбрежје, а дрогата била наменета за Грција и Италија. Грчките власти ги бркале со бродови на крајбрежната служба, хеликоптер и авион на ФРОНТЕКС, но и со нуркачи. Грчките медиуми ја окарактеризираа акцијата како огромна филмска потера. Шверцерите пукале кон брод на крајбрежната страна, а биле запрени кога нуркачи кои скокнале од хеликоптер пукале во моторите на глисерот.

Во глисерот имало три лица, двајца албански и еден италијански државјанин, кои веднаш биле уапсени, при што се запленети над 1,6 тони сурова марихуана. Тројцата членови на криминалната организација за време на акцијата во морето фрлиле оружје, дрога и други предмети. Грчките власти, пак, освен дрогата, заплениле два глисера.

Во друга паралелна акција, биле уапсени уште седум лица, со што вкупниот број на уапсени достигна 10, од кои шест Албанци, двајца Италијанци, еден Бугарин и еден Грк.

XS
SM
MD
LG