Достапни линкови

„02“: Планиран рекордно низок буџет против загадувањето за 2018 година


Поглед од Водно на западниот дел на градот Скопје. 04.11.2017

Македонската Влада за следната година планира рекордно низок буџет за заштита на животната средина, реагираат граѓанските организации, во услови на рекордно високо ниво на загаденост на земјата која е на врвот на листата најзагадени во Европа.

Граѓанската организација „02 Коалиција за чист воздух“ денеска реагираше дека Владата за заштита на животната средина во предлог Буџетот за 2018 година предвидела ниски 0,4 отсто од вкупните расходи, што е најмалку во последните седум години.

Од „О2 Коалиција“ велат дека Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за 2018 година побарало вкупно 14,4 милиони евра, а Министерството за финансии одобрило една четвртина помалку, односно 10,7 милиони евра.

„Ако ги погледнеме само собраните даноци поврзани со животна средина во 2015, понови нема, тие се за 16 пати поголеми од сумата доделена за Министерството за животна средина и просторно планирање за 2018. Тоа би значело дека МЖСПП можело основано да побара буџет од 3% од вкупните расходи, а за Заштита на животна средина требало да се одвојат 4.4%“, велат од „02“ додавајќи:

„Тука не ги сметаме средствата како резултат на зголемената акциза на нафта, околу 31 милион евра, нели покачувањето на акцизата беше поради заштита на животната средина, намалување на загадувањето“, велат од „02 Коалиција.“

Од организацијата исто така бараат одговор за причините за ниската реализација на буџетите од страна на Министерството за животна средина во изминатите години.

Инаку, за Македонија се направени десетици научни истражувања кои покажуваат дека само од загадениот воздух годишно умираат над 1.350 луѓе, дека почвите и водите се загадени со тешки метали од над 19 милиони тони индустриски отпад , но и оти општеството го чини над 253 милиони долари главно поради загубите во здравството.

Од „02 Коалиција“ истакнуваат дека ниту Министерството за животна средина и просторно планирање бара доволно пари, „за кои постојано вели дека ги нема“, а дека ниту Министерството за финансии го одобрува и тоа што е побарано.

„Отворено прашање до Министерството за животна средина и просторно планирање: Каде се побараувањата за справување со сите жешки точки во Македонија? За колекторскиот систем на Охридското езеро? За справување со дивите и нестандардни депонии? За мониторинг на тешки метали, POPs, PAHs? За намалување на аерозагадувањето?“, велат од „02 Коалиција.“

XS
SM
MD
LG